Дописникот на МРТ од Битола, Стевче Митревски е добитник на наградата за новинарство „Тоде Петревски“ за 2022 година, која Битолски весник ја доделува веќе 18 години. Наградата се доделува во чест на прерано починатиот доајен на битолското и македонско новинарство Тоде Петрески, долгогодишен дописник на Радио Скопје од Битола.
„17 години сум новинар во националниот сервис, а четири децении лојален на матичната куќа. Посебно ме прави горд зашто почнувајќи со техника , па до денес како новинар, етапно, макотрпно сум ги поминал сите премрежја, за да бидам она што сум денес, а и современото новинарство вели дека комплетен репортер е оној кој знае да пишува и да фотографира и да снима и да монтира… За мене не канцелариското, туку теренското е она вистинсото новинарство“, порача Митревски.
Сопственикот на „Битолски весник“, новинарот Менде Младеновски, кој ја додели наградата, рече дека настанот би го започнал со тишина зашто таа најмногу зборува за финансиската состојбите во медиумите во Битола. Но, се предомислил гласно да зборува за проблемите зашто Тоде не го сакал молкот, туку гласното зборување за вистината.
„Новинарството во Битола е во длабока кома, на умирање. И од нас зависи дали новинарството ќе изумре како професија. Во изминатите десетина година згаснаа десетина медиуми, во изминатите месеци три-четири и од 130 медиумски работници и новинари денес останаа петнасетина. Мора гласно да зборуваме. Политичарите сакаат да ја замолкнат слободната мисла. Новинарството е храброст. Ќе не` има додека пости и последниот новинар“, рече Младеновски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА