НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД КАФУЛИЊАТА НА ШИРОК СОКАК ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОРОНАВИРУС

    НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД КАФУЛИЊАТА НА ШИРОК СОКАК ГИ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОРОНАВИРУСВработените воспоставуваат ред и најчесто на масите можат да се сретнат по две лица, а поретки се случаите каде има групирање по тројца и четворица гости. (Фото: СДК.МК)

    Битолчани ѝ се вратија на старата навика да пијат кафе на Широк Сокак. Кафулињата и рестораните во Битола во најголем дел ги почитуваа протоколите што ги усвои Владата за работа на кафетериите со преземање на мерки за заштита од КОВИД -19. Услуга се дава само на масите кои се поставени пред кафулињата и во летните бавчи, масите се оддалечени на метар и половина до два, а на секоја маса имаше средства за дезинфекција.

    Вработените воспоставуваат ред и најчесто на масите можат да се сретнат по две лица. Поретки се случаите каде има групирање по тројца и четворица гости. Има и некои непочитувачи, на пример во еден локал сопственикот служеше без маска, но ваквите случаи се бројат на прсти.

    И натаму пикот на посетеност останува околу пладне, а во останатите делови од денот, послаба е посетеноста на кафетериите. Во вечерните часови навала има по пицериите кои работ со намален капацитет.

    Групирања најчесто се случуваат по парковите во вечерните часови, каде младите се привикнаа да одат и да се дружат откако пред два и пол месеца затворија кафулињата. Најпосетен е Градскиот парк, каде можат да се забележат друштва на млади како пешачат или седат на клупите во поголем број, а не носат маски. Досега таму ретко кој бил казнет, иако може да се зебележи дека дел од младите  се поздравуваат како и пред пандемијата со бакнување во образ.

    Во Битола веќе неколку денови нема новозаболени од коронавирус. Болеста е во тек кај шестмина болни битолчани. Од појавата на заразата досега вкупно заболеле 28, двајца од нив починаа, а дваесетина се оздравени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира