„Дарувањето органи е највозвишениот чин, тоа е спасување живот. Од еден починат донор можат да се спасат дури осум човечки животи. Во земјава, 20-ина пациенти чекаат трансплантација на срце, а најмладиот од нив има само 16 години“, кажаа од здружението „Храбро срце“.
На Светскиот ден на органодарителството, кој се одбележува на 13 август, се делеа едукативни флаери за подигнување на свеста кај населението да ги донираат своите здрави органи по смртта и со тоа да спасат животи.
„Јавни личности се приклучија на кампањата, нè поддржаа Македонската православна црква и познати кардиохирурзи. Сè поголема и поголема е поддршката“, вели Васко Јолески, претседател на „Храбро срце“.
Здруженијата и поддржувачите на оваа хумана мисија добиваат сè поголема поддршка од медицинските лица. Минатата година беше извршена првата трансплантација на срце од починат донор во земјава, а годинава, како што велат тие, тоа станува пракса и влева надеж кај пациентите кои чекаат трансплантација.
„Заеднички може да овозможиме што повеќе храбри срца како срцето на Емилија Динева да продолжат да чукаат и да внесат нов живот. Не постои ништо повозвишено од ваквиот чин. Јас донесов одлука, сите можеме. Дарувај орган, дарувај љубов, спаси живот“, кажа д-р Арменд Арслани, директорот на струшката болница.
Емилија Динева од Стар Дојран е првиот донор на срце во земјава, а досега се направени четири трансплантации на срце.
С. ВРЕНЦОВСКА