НАЈОПАСНИ СЕ КРИУМЧАРИТЕ НА МИГРАНТИ КОИ НЕ ЗАСТАНУВААТ НА ЗНАКОТ СТОП, ВЕЛАТ ОД МЕШАНИТЕ ПАТРОЛИ НА ФРОНТЕКС НА ГРЧКАТА ГРАНИЦА

    НАЈОПАСНИ СЕ КРИУМЧАРИТЕ НА МИГРАНТИ КОИ НЕ ЗАСТАНУВААТ НА ЗНАКОТ СТОП, ВЕЛАТ ОД МЕШАНИТЕ ПАТРОЛИ НА ФРОНТЕКС НА ГРЧКАТА ГРАНИЦАОсвен на јужната граница, мешаните патроли се распоредени и на патиштата во прекуграничните региони. (Фото: СДК.МК)

    До крајот на годинава, околу 110 полицајци од земјите-членки на ЕУ ќе им помагаат на домашните полициски службеници во обезбедувањето на границата со Грција, кои се задолжени и за спречување на илегалните преминувања и на криумчарењето мигранти преку т. н. западнобалканска рута. Освен јужната граница, тие се распоредени и на патиштата во прекуграничните региони, каде што вршат контрола на сите возила за кои имаат сознанија дека се дел од организираниот криминал на криумчарење мигранти. Сите тие дејствуваат според изготвениот план за работа и се координираат од командниот штаб во Регионалниот центар за гранични работи Југ во Кавадарци при МВР, каде што е сместен и штабот на операцијата Фронтекс.

    „Ангажирањето е врз основа на претходно изработен план за работа, во кој се наведени приоритетите на дневно и неделно ниво. Патролите се во мешан состав од тројца до петмина полицајци, во зависност од потребата, а локациите ги одредуваме врз основа на анализа на ризик. Патролите се на локации каде што се сомневаме дека ќе има илегални преминувања и прекуграничен криминал. Овие мешани патроли од македонски и европски полицајци имаат за задача да ја обезбедуваат државната граница, да откриваат и спречуваат илегална миграција и криумчарење мигранти, како и да контролираат превозни средства и лица“, изјави Славчо Богев, началникот на Југ.

    При контролите на поголемите возила помагаат и полициски кучиња. (Фото: СДК.МК)

    Богев вели дека во изминатите три месеци соработката со припадниците на Фронтекс е одлична. Во секоја патрола која е на терен има еден до двајца полицајци од ЕУ. Сето тоа, како што вели, придонесува за зголемување на соработката и за размена на искуства. Паралелно се зајакнуваат и домашните капацитети за поефикасно справување со предизвиците на терен.

    „Најчест предизвик е откривањето криумчари на мигранти кои не застануваат на знакот стоп, при што ја загрозуваат безбедноста на полициската патрола и на останатите учесници во сообраќајот. Предизвик е и откривањето поголеми групи миграни кои се агресивни, што во последниот период најчесто се Мароканци. Наоѓаме и бремени жени и стари и изнемоштени лица кои ја преминуваат државната граница или пак илегално преминуваат на македонската територија“, вели Богев.

    Патролите ги водат македонски полицајци. Тие по издадените наредби се стационираат на одредени локации и вршат контроли. Така беше и на автопатот „Пријателство“ во непосредна близина на патарината кај Демир Капија, каде што беше петчлена патрола. Вршеа контрола на патнички возила и се легитимираа лица. Проверки се вршеа и на комбиња, автобуси и тешки товарни возила со приколки, кога се користеа и полициски кучиња, кои требаше да откријат дали во приколките има нешто сомнително.

    Патролите се поставуваат на локации каде што има сомнежи дека ќе има илегални преминувања и прекуграничен криминал. (Фото: СДК.МК)

    „Контролите вообичаено траат по 10-ина минути, доколку не откриеме нешто сомнително. Тогаш траат нешто повеќе, при што се известува командниот штаб и постапуваме согласно правилникот за работа при такви случаи“, раскажува еден полицаец од мешаната патрола.

    Се упативме и на македонско-грчката граница, и тоа кон Камен 59, локација која беше најкористена за време на мигрантската криза. И таму затекнавме мешана полициска екипа, која патролираше долж границата. Во екипата беа тројца македонски и двајца полицајци од Фронтекс, еден од Португалија и еден од Бугарија. Не забележале ништо сомнително во последните 24 часа.

    „Македонските власти се главни во одлучувањето како да се справиме со задачите, каде ќе работиме и како ќе ги организираме дневните активности. Како полицајци, работиме со нив, ги следиме нив, тие ги водат патролите. Нашата цел е да се намали миграцијата бидејќи минатата година, половина од нелегалните влегувања во земјите од ЕУ беше токму преку Западен Балкан. Ние сме тука да ги поддржиме македонските полицајци во обидите да се справат со прекуграничниот криминал и преминувањето на границата“, вели Винченцо Пепе, офицер на Фронтекс во земјава.

    Штабот на операцијата Фронтекс е сместен во Кавадарци. (Фото: СДК.МК)

    Статистиката на МВР покажува дека во првите шест месеци од годинава се регистрирани 5.018 обиди за илегално преминување на државните граници, од кои 4.430 од Грција. Споредбено со истиот период лани, тоа е намалување за 44 отсто.

    Во првите шест месеци, МВР регистрирала и 36 случаи на криумчарење мигранти, што е за 16,3 отсто помалку во однос на истиот период лани. Од јануари до јули, МВР има поднесено кривични пријави против 28 лица за криумчарење, но и за помагање и соизвршување во ова кривично дело. Меѓу нив се и четворица српски, турски и авганистански државјани. Сите тие биле фатени по македонските патишта, при што се обиделе да пренесат 286 мигранти.

    Заедничката операција на македонските и европските полицајци треба да трае до 24 јануари 2024, со можност за нејзино продолжување. Договорот за Фронтекс беше потпишан минатиот октомври за време на посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен и беше прв договор помеѓу ЕК и Македонија потпишан на македонски јазик.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира