НАМАЛЕНА ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА ПИРОМАНОТ КОЈ ЗАПАЛИ КАЗИНО ВО ВЕЛЕС ОТКАКО ПРОКОЦКА ГОЛЕМА СУМА И ПРЕДИЗВИКА ШТЕТА ОД ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    НАМАЛЕНА ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА ПИРОМАНОТ КОЈ ЗАПАЛИ КАЗИНО ВО ВЕЛЕС ОТКАКО ПРОКОЦКА ГОЛЕМА СУМА И ПРЕДИЗВИКА ШТЕТА ОД ПОЛА МИЛИОН ЕВРАПожарот се случи на 18 јануари 2024 година. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје му ја намали казната затвор на Дритон Мустафов (44) од велешко Бузалково од шест на четири години за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност. Претходно во првостепена пресуда, во Основен суд Велес му беше изречена казна затвор од шест години, откако Мустафов призна дека опожарил казино во Велес, при што сторил голема материјална штета а станарите кои биле над просторијата на клубот, ноќта ја минале по роднини, а дел и повеќе денови, оти не се чувствувале безбедни дома.

    Како олеснителни околности, тричлениот судски совет на Апелација Скопје, ги зема предвид неговите лични и материјални прилики, неговата моментална финансиска состојба особено околноста што делото го сторил во афектна состојба – нервоза поради губиток на поголем износ на парични средства, каде со дејствието не посакал да се случи материјална штета во тој размер, а уште помалку да бидат доведени човечки животи во опасност. Обвинетиот бил женет, татко на едно полнолетно и четири малолетни деца, безимотен, невработен и корисник на гарантирана минимална помош односно неговата слаба финансиска состојба. Придонесот на обвинетиот за ефикасно завршување на кривичната постапка изразено преку признанието на вината, како и изразеното каење и даденото извинување на оштетените во судницата, Апелација заклучила дека со осуда на помала казна затвор би се постигнале целите на казнувањето.

    Проценетата штета од пожарот, по извршеното вештачење е 32,7 милиони денари, при што на казиното причинил штета од 32,5 милиони денари а на петмина станари кои живееле над просторијата, штетата им е процената на 212 илјади денари.

    Пожарот се случи на 18 јануари 2024 година, околу 17.40 ч. во казино „Вила Зора“ на ул. Благој Ѓорев 110/а во Велес. Пожарот бил локализиран во 19.40 часот.

    Според обвинението, Мустафов бил присутен во објектот тој ден, како играч на апарати и се коцкал. По неколкучасовно присуство, откако изгубил поприлична сума на пари, тој се упатил до блиската бензиска пумпа, каде наточил бензин во две пластични шишиња. Се вратил, ги попрскал столовите и апаратите, извадил запалка и ги запалил. Се слушнал звук на кој реагирала вработената и го прашала „Што правиш’“, тој се оглушил, не одговорил. Во клубот имало други играчи, пожарот се проширил, се слушнала експлозија, луѓето во објектот биле доведени во опасност. Мустафов се дал во бегство, при што бил совладан од двајца полицајци, кои го фатиле.

    Мустафов на 1 мај 2023 година во вечерните часови скокнал во Вардар кај Велес, откако во коцкарница изгубил значајна сума на пари. После Стар мост, смогнал сили и излегол од реката, иако премален и смрзнат од ладна вода, во лоша здравствена состојба стигнал до куќа на улица Коле Цветков, чии сопственици повикале Итна помош, по што беше згрижен во болница, поради хипотермија. Во 2016 година обвинетиот бил осуден за криумчарење на мигранти, и кажа дека казната затвор ја одлежал.

    П.ПЕЧКОВ  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира