Засега непознати лица деновиве ја оштетиле хидролошката станица поставена на Вардар кај тетовското село Сараќино, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Оваа станица, заедно со уште неколку други кои се поставени долж Вардар и околните реки, се честа мета на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат.
„Минатата недела, наша екипа ја посети станицата во Сараќино со цел да утврди зошто нема податоци на нашата интернет страница, при што беа забележани оштетувања на инструментот. За жал, често се случува хидролошките станици да бидат оштетувани и уништувани. Се гледа дека станицата намерно е оштетена и со тоа е спречено нејзиното функционирање. Овие инструменти се многу важни за рано предупредување од поплави. Буџетот на Секторот за хидрологија за одржување на станиците е лимитиран и не сме во можност ваквите оштетувања самостојно да ги надоместиме“, соопшти Васко Стојов од УХМР.
Вакви хидролошки станици за рано предупредување од можни поплави се поставени долж сливот на Вардар во селата Балин Дол, Јегуновце, Радиовце, Тераце, Лакавица, Неготино, Боговиње и Орќуше и во Тетово и тие, како и станицата во Сараќино, се донација од УНДП.
Направената штета е пријавена во тетовската полиција, која соопшти дека извршила увид и трага по сторителите.
Горниот слив на Вардар често пати е изложен на поплави, посебно на пролет и есен. Тогаш надојдениот Вардар знае да го поплави целото поле во овој регион, вклучувајќи и куќи.
З. АНДОНОВ