Квалитетот на пакуваните минерални води за првпат во земјава ќе се испитува во лабораторијата на „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти јавното претпријатие. Досега, производителите на пакувани води анализите ги правеа во лаборатории акредитирани во Србија и Грција.
„Секторот за санитарна контрола при ЈП ‘Водовод и канализација – Скопје’, во рамките на ИСО 17025 на почетокот на мај 2021 со последната надзорна посета на Институтот за акредитација на Северна Македонија направи проширување во методите за тестирање. Со тоа, се зголеми бројот на акредитирани методи во делот на хемиските лаборатории во рамките на методата јонска хроматографија, анализа на земноалкални и алкални метали, алкалитет и дел од тешките метали со што се овозможува подетално утврдување на квалитетот на испитуваните примероци“, вели Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола.