НАПАЃАЧОТ НА АРСОВСКА ЌЕ ГИ ПОМИНЕ ВО ШУТКА ПРЕОСТАНАТИТЕ 5 ОД ВКУПНО 8 ДЕНА ПРИТВОР

    НАПАЃАЧОТ НА АРСОВСКА ЌЕ ГИ ПОМИНЕ ВО ШУТКА ПРЕОСТАНАТИТЕ 5 ОД ВКУПНО 8 ДЕНА ПРИТВОРОд вкупно 8-дневниот притвор, С. Љ. првите три дена беше во куќен притвор. (Фото: СДК.МК)

    Осомничениот С. Љ. кој ја нападна вербално и физички градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, од куќен притвор денеска е префрлен во ефективен во Шутка, откако Обвинителството се жалеше, а Кривичен совет на Скопкиот кривичен суд ја коригираше првичната одлука на судијата на претходна постапка. Тој првично доби 8 дена куќен притвор.

    „Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство Скопје поднесена против решение на судија на претходна постапка од 12.07.2025 година, донесе решение со кое жалбата е основана и мерката куќен притвор за осомничениот С. Љ. ја замени со мерка притвор. Тричлениот Кривичен совет оцени дека во конкретниот случај постојат околности дека осомничениот може да побегне или да го повтори делото, поради што му определена мерката притвор во скратена постапка “, соопшти Основниот  кривичен суд Скопје.

    За нападот врз Арсовска на 11 јули, за кривично дело насилство осомничени се две лица со иницијали С. Љ. Првоосомничениот  доби 8 дена куќен притвор во истрагата по брза постапка, а другиот С. Љ. е под мерки на претпазливост: забрана за приближување и воспоставување контакт со Арсовска и другите оштетени, забрана за напуштање на домот, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено лице во Судот.

    На 11 јули, првоосомничениот се закануваше и физички ја нападна Арсовска додека таа и вработените во службите на Градот по претходна пријава биле на вонреден надзор на дивоизграден објект на улица Севастополска во Чаир, спроти Полициската станица на Бит Пазар во Чаир.

    „Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал. Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, кажа Скопското обвинителство по поведувањето на истрагата по брза постапка.

    На 12 јули, МВР соопшти дека е одобрена 24-часовна полициска заштита за Арсовска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира