НАПРАВЕНА ПЛАТФОРМА КОЈА ПОКАЖУВА КАКО ОПШТИНА БИТОЛА ГИ ТРОШИ БУЏЕТСКИТЕ ПАРИ

    НАПРАВЕНА ПЛАТФОРМА КОЈА ПОКАЖУВА КАКО ОПШТИНА БИТОЛА ГИ ТРОШИ БУЏЕТСКИТЕ ПАРИНаместо низ комплицирани општински извештаи, битолчани сега преку оваа платформа можат да ги следат сите клучни информации за својот град со само еден клик. (Фото: СДК.МК)

    Колку троши Општина Битола и кому за што исплаќа, со кои градежни фирми има договори и тендери, кој спортски клуб и која културна манифестација добиле најмногу општински пари и ред други податоци можат да се најдат на специјализираната дигитална платформа Градо во живо (Grado.live). Taa овозможува детален увид во работењето на Општина Битола. Наместо низ комплицирани општински извештаи, битолчани сега преку неа можат да ги следат сите клучни информации за својот град со само еден клик.

    Платформата подетално нуди буџетски мониторинг, разложувајќи ги бројките во едноставни графикони, кои покажуваат каде завршува секој денар. Овозможува скенирање на работата на јавните претпријатија преку директен увид во нивното финансиско работење, ги следи приходите, долговите и акумулираните загуби во реално време. Се прави и увид во капиталните проекти и се следат инвестициите во инфраструктурата и културата. Граѓаните можат да видат што е ветено, а што е реализирано на терен.

    Порталот автоматски ги анализира јавните набавки и обележува ситуации кои заслужуваат внимание. Ова не значи корупција, туку дека некоја набавка има карактеристики кои, според академската литература, се поврзани со повисок ризик.

    „Оваа платформа е важна бидејќи се врши контрола врз јавните загуби, а кога долговите на јавните претпријатија се јавно видливи, се зголемува притисокот за поодговорно менаџирање со парите на граѓаните. Овозможува аргументиран дијалог со точни бројки во рака, па битолчани можат поактивно да бараат подобри услуги и отчетност од раководствата. Овозможува и елиминирање на нетранспарентноста, зашто отворените податоци се најдобриот лек против неефикасното трошење на јавните пари“, велат од платформата за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Оттаму посочуват дека платформата е отворена за сите битолчани и сакаат со нивните сугестии да ја подобрат, а ја повикуваат и Општината да биде пример за искреност.

    „Ја повикуваме Општината дополнително да ги отвори своите податоци. Транспарентноста во врска со долговите и загубите не е пораз, туку прв чекор кон нивно решавање“, велат тие.

    Од Општина Битола велат дека уште пред 10 дена реагирале кај авторот зашто на платформата имало неточни податоци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира