Велешани секој ден во колона чекаат возот да помине низ центарот на градот за да можат да преминат од една на друга страна на градот. Возачите се револтирани од ваквата состојба, која трае триесетина дена. Колона возила секојдневно се создава од центарот до зградата на театарот.
„Патуваме за Скопје на работа, еден месец се случува возот наутро да сопре и не може да тргне. И така чекаме по 10-15 и повеќе минути. Каков ли дефект беше што толку време не може да се поправи“, велат граѓаните.
- СОПРЕН ТОВАРЕН ВОЗ СРЕДЕ ВЕЛЕС ДВА ЧАСА ГО БЛОКИРАШЕ СООБРАЌАЈОТ ВО ГРАДОТ, „ЖЕЛЕЗНИЦА“ НЕ КАЖУВА ЗОШТО НЕ РАБОТАТ РАМПИТЕ
- ТРИ НЕДЕЛИ СЕ СОЗДАВААТ КОЛОНИ ВОЗИЛА НА ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ ПРЕМИНИ ВО ВЕЛЕС, ОД ЖЕЛЕЗНИЦИ НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО РАМПИТЕ НЕ ФУНКЦИОНИРААТ
Некои во овој период од денот ги носат децата на училиште или во градинка, други одат на работа и сите без исклучок доцнат. Еден месец екипите работат на отстранувањето на дефектот.
Директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Синиша Ивановски, вели дека се свесни за проблемот во Велес и интензивно се работи на негово решавање.
„Се надеваме на нормализација од следната седмица“, кажа Ивановски.
Проблемот бил во контролните куќарки покрај пругата во центарот на Велес, кај мостот „Гемиџии“ и на преминот за месноста Дворови. Од безбедносни причини возот мора да сопре пред преминот, каде што сигурносните рампи не работат. Пред да тргне, возот со сирена објавува дека стартува. Но, товарните возови поради тежината не можат да стартуваат и треба време да се придвижат. Поради тоа доаѓа до застој на железничкиот сообраќај, што, пак, предизвикува и застој во автомобилскиот сообраќај низ Велес.
П. ПЕЧКОВ