НАВАЛИЦА ЗА СМЕСТУВАЊЕ СТУДЕНТИ ОД ИНДИЈА, ЕГИПЕТ, САД И ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ПРЕД УПИСИТЕ НА ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ

    НАВАЛИЦА ЗА СМЕСТУВАЊЕ СТУДЕНТИ ОД ИНДИЈА, ЕГИПЕТ, САД И ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ПРЕД УПИСИТЕ НА ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТВо кругот на новата Клничка болница се планира изградба на нова зграда на Медицинскиот факултет и на нов студентски дом за 200 студенти. (Фото: СДК.МК)

    По зачленувањето во Европската универзитетска алијанса, која ги признава неговите дипломи, значително се зголеми интересот на странците за студирање на еден од факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

    „Во изминатите неколку години имавме студенти од Индија, Бангладеш и други земји од Азија, потоа од Африка, претежно од Египет, па и од САД. Најмногу има од земјите од Европска Унија и секако од балканските земји Хрватска, Србија и Грција“, вели ректорот Дејан Мираковски.

    Според него, сите наставни програми ги добиле потребните акредитации за втор и трет циклус на студирање, а со оглед на воведувањето на програми на англиски јазик, интересот за студирање во Штип е мошне присутен и за новата студиска година.

    „Штипскиот универзитет сега е во друштво на уште осум универзитети од ЕУ и како дел од Европската универзитетска алијанса е рамноправен член на Европскиот проект преку кој се добива можност за развој на исто рамниште со европските универзитети. Студентите можат да добијат диплома за завршено високо образование преку комбинирање на повеќе студиски курикулуми во повеќе европски земји“, вели Ана Никодиновска-Крстевска, проректорка за меѓународна соработка на Универзитетот.

    Проректорот за настава Мишко Џидров вели дека првиот уписен рок за прв циклус студии е од 20 до 22 август, вториот на 4 и 5 септември , а третиот на 17 и 18 септември. Студентите кои ќе се запишат на Филолошкиот факултет да го изучуваат македонскиот јазик ќе бидат ослободени од партиципација. Таа не се плаќа и за другите факултети за студенти кои имаат висок просек и за други социјални категории.

    Една недела пред првиот уписен рок, во Штип е забележлива навалица на странски студенти кои бараат сместување. Во минатите години странските студенти практикуваа приватно сместување, а некои студенти дури си купуваа станови со цел да не плаќаат за сместување, а по завршувањето на студиите ги продаваа.

    Раководството на УГД смета дека сместувањето и на домашните и на странските студенти ќе се подобри за неколку години, откако ќе се изгради веќе најавениот студентски дом, кој треба да биде со капацитет за 200 студенти. За новиот студентски дом веќе е одредена локација, во кругот на новата Клиничка болница во Штип, каде ќе се гради и нова зграда на Факултетот за медицински науки.

    Во новата студиска година, за 12-те факултети и трите академии за прва година има слободни места за 2.168 редовни и 820 вонредни студенти, а се овозможува студирање со кофинансирање.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира