Во Битола лани од рак боледувале пет до шест деца на возраст до шест години, соопшти директорката на битолскиот Центар за јавно здравје Елизабета Крстева, како демант на податоците што излегоа во дел медиуми дека во 2016 имало 18 случаи на болни деца до две години од малигни неоплазми.
Крстевска рече дека податоците од нивниот извештај биле погрешно интерпретирани во јавноста зашто се работело за 18 прегледи, а не за болни. Но, и податокот што го соопшти дека лани имало десет болни деца до шест години на територија на Битола, Кичево и Ресен, а во Битола пет или шест не ја релативизира состојбата и сам по себе е загрижувачки.
„Во извештајот беа прикажани 18 амбулантски посети на деца, а не случаи. Го проверивме тој податок и во Скопје и на некој начин во нашите податоци. Во целиот регион Битола, Кичево и Ресен зашто го покриваме целиот регион, минатата година имавме десет деца до шест години со малигноми. 10 на цел регион, што по проценките се 5 до 6 во Битола. Тие пет до шест биле 18 пати на лекар“, рече Крстевска за ТВ Тера.
Таа образложи дека нивниот извештај содржи само бројки за прегледи. Но, сепак по објавата на текстовите, обезбедија бројка на болни деца. Инаку, кога извештајот се разгледуваше на седница на Совет немаше присутно лице од Центарот за јавно здравје да ги образложи податоците.
И ако се земат во предвид прегледите или посетите на лекар и нивниот број не е мал. Во 2016 во Битола биле направени 35 прегледи на деца и млади до 19 години со утврдени дијагнози на малигни заболувања. Поточно, 18 прегледи на деца до две години, пет прегледи кај деца од 3 до 6 години, шест кај деца од 7 до 9 години, четири кај деца од 10 до 14 години, две кај тинејџери од 15 до 19 години, 18 кај млади од 20 до 24 години.
Ж. ЗДРАВКОВСКА