НЕ МОЖЕ ЈАС КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК ДА ДАДАМ ИНИЦИЈАТИВА ДА СЕ УСПИВААТ УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    НЕ МОЖЕ ЈАС КАКО ГРАДОНАЧАЛНИК ДА ДАДАМ ИНИЦИЈАТИВА ДА СЕ УСПИВААТ УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВВо јавноста веќе десетина дена се зборува дека Град Скопје има во план да ја измени програмата за улични кучиња односно да врши еутаназија или 'успивање', но Шилегов вели дека на такво нешто не се работи, туку на изготвување на регистар на домашни миленици.- Туристи го разгледуваат центарот на градот а околу нив се собрани кучиња скитници. (Фото: К.Попов)

    Не можете од мене да изнудите решение или барање јас како градоначалник да дадам иницијатива за промена на програмата за кучиња скитници со што тие ќе се ‘успиваат’, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

    Во јавноста веќе десетина дена се зборува дека Град Скопје има во план да ја измени програмата за улични кучиња односно да врши еутаназија или ‘успивање’ на оние кучиња кои после одреден период никој нема да ги вдоми од стационарот „Вардариште“.

    Според постојната програма „Улови, стерилизирај, врати“, кучињата се задржуваат во Вардарише 30 дена, а потоа се враќаат на улица од местото од каде што се земени. Секојдневно граѓани се жалат дека се каснати од улични кучиња, а пред еден месец и вработен во Светска банка на кејот на Вардар беше каснат и повреден. Плоштадот Македонија и улица Македонија кои се најчести рути на туристите, се преполни со улични кучиња, но Шилегов вели дека според постојната програма кучињата мора да се вратат онаму од каде што се земени и друго решение нема.

    „Во Градот не се работи на измена на програмата со која уличните кучиња ќе се еутаназираат. Но, јас бев должен оти имаше сериозен проблем и барања од граѓани кои биле каснати од кучиња да ги соберам и да ги однесам на Вардариште, да кажам дека стационарот не е фарма за собирање на кучиња. Ја опишав постојната програмата дека може да се чуваат само 30 дена и потоа да се вратат од каде што се земени. И сега две се опциите, првата е да постојната состојба да продолжи и со посветена работа после одреден период биолошки да се намали бројката. И втората е да се смени програмата, Градот да ги ‘успива’ кучињата и паралелно со ова што го работиме, во пократок рок да се дојде до намалување на бројот на кучиња на улиците“, вели Шилегов.

    На нашето прашање која програма тој како градоначалник на Скопје смета дека треба да се применува и ќе ја подобри состојбата со улични кучиња, Шилегов одговори: „Не можете да изнудите решение или барање јас како градоначалник да иницирам промена на програмата“.

    Тој вели дека е сконцентриран на тоа дека градот треба конечно да го изработи регистарот на домашни миленици, со што ќе се стави ред на таа категорија која е најбитна и продуцира животни на улица. Град Скопје заедно со Агенција за храна и ветеринарство работи на изготвување на регистарот на домашни миленици, кои се една од причините за механичкиот прилив на улични кучиња. Веќе се врши чипирањето на домашни миленици и во регистарот се заведени 13.000 кучиња.

    „Сопствениците ќе мора најмалку два пати годишно на го носат миленичето на преглед, што ќе ни даде информација која кучка е скотна и се очекува пород. Кога ќе го спречиме тој прилив, ќе имаме контрола“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира