Шестнаесетгодишното момче кое во саботата попладне се удави во Преспанското Езеро, заедно со другите две млади момчиња со кои се возело на педалина во Претор не носеле заштитни елеци, а на плажате немало ангажиран спасувач, вели битолчанецот Александар Ацев, професионален нуркач, член на клубот „Врело“ од Скопје и координатор на спасувачите од Црвен Крст од Битола, кои 15 часа учествуваше во потрагата по телото на момчето. Тој на местото на несреќата во туристичката населба Претор стигнал час по исчезнувањето на момчето и се вклучил во потрагата. Телото на момчето беше пронајдено денеска близу Претор, по дводневна потрага.
„Кога стигнав на лице место таму беа очевидци, ми кажаа дека децата се забавувале со педалинка, дека скокале од неа, не биле искусни пливачи и едно од децата најверојатно не се дофатило до педалинката и почнало да тоне. Немале елеци за спасување. И тоа е еден главен проблем со пловните објекти секаде по езерата кај нас. Елекот е безбедност, тоа е да споредиме како со сообраќајот да не носиш сигурносен појас. По закон е секој патник да носи заштитен елек, поради вакви несакани ситуации“, вели Ацев.
Според измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба, лицата кои се наоѓаат во чамец на воден млазен погон, скутер, даски за едрење, кајак, кану, спортски реквизити за водни спортови и педалини на себе мора да имаат појаси за спасување.
Според искуствата од минатите години, Ацев вели дека педалинките спаѓаат во најнебезбедните објекти за пловење. Во одредени случаи педалината се преоптоварува со корисници, наместо четворица, ја користат пет до десет луѓе. Помладите најчесто ги изнајмуваат овие реквизити за да заминат подлабоко во езерото и таму да се искапат во почиста вода, а сите од нив не се искусни пливачи.
Од Општина Ресен велат дека на плажата во Претор каде што се случи несреќата нема спасувач. Ацев, пак, кој е координатор на спасувачите од Црвениот Крст во Битола, вели дека секој концесионер на плажа треба да обезбеди барем еден спасувач.
„Во конкретниот случај, немаше обезбедување на плажата, немаше спасувач иако се најде едно лице во ситуацијата кое реагираше масимално брзо барем да ја обезбеди локацијата“, додава Ацев.
Но, засега нема податоци дали и колку често има инспекциски адзор врз опременоста на плажите и исполнувањето на законските безбедносни мерки на изнајмувањето на педалини и други пловни објекти.
Во потрагата по момчето учествуваа нуркачи од Битола, Охрид, како и специјални тимови на СВР. Но, нуркачите велат дека теренот е тежок за пребарување поради обраснатоста на водата со големи треви.
„Условите во Преспснското Езеро се специфични, водата е матна, а на дното има високи треви и до два и повеќе метри. Не е чисто дното и нема прецизна видливост и со добро осветлување. Теренот не е едноставен за пребарување. Една од најголемите грешки што се направи од страна на локалното население е што почнаа да влечат со рибарски мрежи за да го пронајдат мопмчето, а со тоа може да се помеси телото, да се покрие со треви“, додава Ацев.
Ж. ЗДРАВКОВСКА