Во поново време не се памети Охрид да биде толку празен во јуни. Кафулињата во охридската чаршија се полупразни или празни, а и во викенд становите нема викендаши. Туристичките работници се надеваат дека следниот месец ќе донесе повеќе гости на ривиерата.
„Не паметам кога во нашето кафуле имало олку малку гости во јуни. Во Охрид работам како келнер од минатата сезона. Се мислев лани да заминам во странство, на Малта, но добрата плата ме задржа во градот. Сега е многу опаднат прометот во кафулето. Туристи речиси нема, а и охриѓани сѐ поретко го пијат своето кафе овде“, вели вработен во охридско кафуле во строгиот центар.
Празни се и викенд становите, кои неофицијално ги има неколку илјади.
„Вчера дојдов во Охрид и првпат во јуни можев да најдам слободен паркинг пред зградата. Во неа има повеќе од сто станови и речиси сите сопственици се од други градови. Претходните лета во ова време немаше каде кола да се остави, а имаше и голема врева по становите“, вели скопјанец кој има стан во населбата Далјан.
Д. ЧУБРИЌ