НЕ ПРИЗНАВА ВИНА ОБВИНЕТИОТ ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ ТУНЕЛОТ КАТЛАНОВО ВО КОЈА ЗАГИНАА ТРОЈЦА РАБОТНИЦИ 

    НЕ ПРИЗНАВА ВИНА ОБВИНЕТИОТ ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ ТУНЕЛОТ КАТЛАНОВО ВО КОЈА ЗАГИНАА ТРОЈЦА РАБОТНИЦИ Во сообраќајката на возилото кое ги превезуваше работниците од работа до дома во Велес загинаа тројца, а четворица беа потешко повредени. (Фото: СДК.МК)

    Започна судскиот процес за сообраќајката која пред година и пол се случи пред тунелот кај Катланово, на автопатот во правец на Велес. Орце Димитриев (33) од Велес обвинет за сообраќајка во која починаа три лица, а пет беа тешко повредени, меѓу нив и самиот тој, не признава вина за кривичното дело со кое се товари. Димитриев е обвинет за кривичното дело Tешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 ст. 2 в. в. со член 297 ст. 1 од Кривичниот законик. Обвинителството смета дека делото го сторил со умисла.

    „Обвинетиот при управувањето со возилото не се придржувал на сообраќајните прописи и го загрозил јавниот сообраќај, при што направил пропусти, возел со брзина од околу 104 км/4ч иако определената брзина била 70 км/ч. Исто така возилото го управувал под дејство на психотропни супстанци при што изгубил контрола на возилото и со тешки телесни повреди се здобиле четири лица. Овие факти ќе се докажат со лабораториски наод, со обдукциски наод, извештај на вештачење“, кажа обвинителката Силвија Ивановска.

    Причината што судењето започна по година и пол од сообраќајката е што една година се чекале резултатите од обдукциите на двајцата од трите починати лица.

    Судечкиот судија на петчлениот Кривичен совет, Ангел Трипчев, го праша обвинетиот Димитриев дали ќе признае вина.

    „Не се чувствувам за виновен. Изразувам сочувство на семејствата од починатите, на повредените, жалам за настанот и тоа што се случи“, рече Димитриев.

    Ова предизвика реакции негодување, изненадување, но и плач и солзи во полната судница во која беа блиски на тројцата починати Ангел Ников, Јованче Ангелов и Димче Царев и четворицата кои во сообраќајката доживеале тешки повреди.

    „Одбраната ќе докаже дека фактичката состојба не е таква како што е претставена во обвинителниот акт и кај обвинетиот не постои вина за настаната последица. Одбраната ќе понуди докази, наспроти машинското вештачење од обвинението дека возилото било технички исправно. Имено, возилото имало сериозни механички проблеми, со десното предно тркало, скршена десна полуосовина која е директен причинител за сообраќајната незгода. Наглото шетање на возилото лево-десно по коловозот не е резултат на грешка на возачот, туку на механички отказ кој бил предвидлив за правното лице ‘Феромонт инженеринг’, сопственик на возилото кој бил игнориран од нивна страна. Присуството на супстанци мора да биде со анализа на крв. Обвинетиот на денот на незгодата работел повеќе од 10 часа како бравар, потоа бил принуден да управува со возилото без соодветен патен налог, без тоа да му биде негова работна обврска. Премореноста на обвинетиот, обвинителството не го земало во предвид. Сообраќајката е резултат на технички неисправно возило и лоши работни услови“, кажа адвокатот Трајче Тошевски.

    „Во обвинението не сретнав чија сопственост е патничкото моторно возило, дали во текот на истрагата е повикан претставник на правното лице ‘Феромонт инженеринг ДООЕЛ Скопје’, обвинетиот возач не возел приватно возило“, кажа вториот бранителот Борче Стојанов.

    Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 во 17,35ч, на автопатот Скопје-Велес, кај тунелот кај Катланово, при што обвинетиот управувал возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички со кое ги превезувал работниците од работа дома во Велес. ОЈО Скопје му го пренесе на работа предметот на ОЈО Велес, бидејќи обвинетиот и оштетените се од Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира