Безбедносните рампи на три железнички премини во Велес кои се електронски не функционираат, од нив едниот на мостот Гемиџи ги спојува левата и десната страна на градот. Ваквиот проблем го отежнува сообраќајот, се создаваат големи колони и метеж во централното градско подрачје.
Директорот на ЈП Македонски железници-Инфраструктура Хари Локвенец, вели дека најчесто за дефектите причина се кражби.
„Се крадат каблите заради бакарот и поради тоа доаѓа до застој во работата на безбедносните рампи, не се спуштаат. Предвидено е годинава да се изврши реконструкција на сигнализацијата, независно дали е звучна, светлосна или со браници. Тоа ќе биде според бројот на возила кои минуваат на премините, најфреквентните ќе бидат реконструирани. Тоа ќе се случи годинава“, вели Локвенец.
Тој апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните знаци и правила, бидејќи учесниците во железничкиот сообраќај строго ги почитуваат безбедносните процедури.
П. ПЕЧКОВ