НЕ РАБОТИМЕ НА ОДЛОЖУВАЊЕ ЗА УНЕСКО, ТУКУ НА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН, КАЖА МИНИСТЕРОТ ЉУТКОВ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД

    НЕ РАБОТИМЕ НА ОДЛОЖУВАЊЕ ЗА УНЕСКО, ТУКУ НА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН, КАЖА МИНИСТЕРОТ ЉУТКОВ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИДМакедонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора. (Фото: СДК.МК)

    Охрид беше домаќин на Министерската конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, посветена на „Одржливи културни модели за иднината“. Конференцијата, организирана под претседателство на државата, а поддржана од УНЕСКО, собра министри, заменици-министри и претставници од земјите на Југоисточна Европа. Годинешната министерска средба е посветена на одржливи културни модели и дигитализација на наследството, кои ќе овозможат поголема достапност, иновации и активно вклучување на локалните заедници.

    Mинистерот за култура и туризам, Зоран Љутков, рече дека глобалните промени во последната деценија, од климатските ризици до социоекономските нарушувања, јасно покажаа дека културата не може да остане на маргините на општествениот и цивилизацискиот развој.

    „Како министерство се залагаме за одржлив развој на културата, создавање на нови модели кои ќе ја направат културата многу поинклузивна, многу посамоодржлива и многу покомпактна. За тоа се залагаат скоро сите земји во регионот. Еден од приоритетите на земјите во развој се креативните културни индустрии оти тие се економски генератор и оној дел од културата кој придонесува во буџетот на една држава“, изјави Љутков.

    Директорката на Регионалната канцеларија на УНЕСКО за наука и култура во Европа, Магдалена Ландри, во своето обраќање го истакна значењето на регионалната соработка. Таа додаде дека УНЕСКО ја поддржува секоја иницијатива која го прави наследството достапно и живо за идните генерации.

    „Имав прилика да направам долга прошетка на многу убави локации тука и навистина морам да ја препознаам целата работа на тоа што се вложува тука, на целата реконструкција, обновување, на сите археолошки локации, верски наследства и морам да кажам навистина е видлива длабочината и испреплетеноста на сите различни нации, на сите различни наследства коишто се втемелени во едно и претставуваат една комплетна и убава слика“, изјави Ландри.

    Претставниците на земјите учеснички ја потврдија својата посветеност на заштитата на културното наследство и развојот на одржливи културни политики.

    Босна и Херцеговина ја истакна важноста на културното наследство како основа за одржлив развој, регионална соработка и иднината на младите генерации. Босна и Херцеговина особено повикува на зајакнување на прекуграничните проекти што ги користат средствата од Европската Унија и други меѓународни фондови.

    „Силата на Југоисточна Европа лежи во нејзината извонредна културна разновидност. Таа не смее да биде извор на поделби – мора да биде извор на мир, соработка и просперитет. Интеркултурниот дијалог и промоцијата на различностите се најдобриот начин за изградба на доверба и долгорочна стабилност меѓу нашите народи. Исто така, мораме да ја интензивираме регионалната и меѓународната соработка, вклучувајќи и партнерствата со организации како УНЕСКО, за заеднички и ефикасно да одговориме на предизвиците пред нас“, рече Синиша Шешум, раководител на Антенската канцеларија во Сараево.

    Турција подвлече дека културното наследство треба да стане „двигател на регионален развој и културен туризам“, истовремено зајакнувајќи ја отпорноста кон климатски промени.

    „Културното наследство е под сѐ поголеми притисоци од климатски промени, неконтролирана урбанизација, природни катастрофи и нелегална трговија, што ја прави меѓународната соработка важна како никогаш порано. Одржливите културни модели бараат отпорно управување со наследството, одговорен туризам, етичка примена на дигитални технологии и вештачка интелигенција, активно вклучување на локалните заедници и комбинирање на традиционалното знаење со иновативни, еколошки решенија“, кажа Анил Кајалар, вршител на должност во Амбасадата на Република Турција во Македонија.

    Хрватска потенцира дека човечката креативност мора да остане во центарот, додека вештачката интелигенција треба да биде само поддршка, а не замена за уметниците и културните професионалци.

    „Ако ѝ дозволиме на вештачката интелигенција да го преземе водството во културата и креативноста, тогаш сите досегашни напори поврзани со авторските права, правата на уметниците и културните работници, културната разновидност и слободата на творечкиот израз ќе бидат доведени во прашање. Затоа мораме да ги заштитиме, промовираме и зајакнеме културните и креативните сектори и да вложуваме во вештини и капацитети“, смета претставникот на хрватската делегација.

    Конференцијата заврши со усвојување на Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“, документ кој ги утврдува заедничките приоритети на земјите од Југоисточна Европа: дигитализација, етичка примена на вештачка интелигенција, активно вклучување на младите и локалните заедници, заштита на наследството и регионална соработка преку Фондот за културна соработка (CCF). Целта е преку регионалната соработка да се надминат границите и да се постигнат заедничките цели, како на глобално, така и на регионално и национално ниво.

    Министерот Љутков ја нагласи важноста на заедничката посветеност, но и грижата за зачувување на Охрид и регионот како дел од значајното културно наследство.

    „Ние постојано работиме на зачувување на културното наследство, но верувајте дека кога зборуваме за Охридскиот регион и зачувување на Охридскиот регион, зборуваме на заедничка платформа којашто ја имаме со Република Албанија и за зачувувањето на Охридското Езеро. Овој дел можеби е малку потежок бидејќи не зависи сѐ од нас, зависи и од другата страна. Мораме до крајот на годината да направиме уште неколку состаноци, да освоиме уште неколку одлуки и веќе го пишуваме извештајот кој ќе мора да го презентираме до 1 февруари 2026 година. Овој проблем не е од денес, овој проблем се провлекува години наназад. Верувајте, го правиме максимумот. Не е само дипломатската офанзива да се одложува нештото на уште една година и на уште една година. Ние во овој момент не работиме на одложување, туку работиме на решавање на проблемот“, кажа Љутков.

    Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира