Револтирани што Министерството за животна средина повторно бара мислење по веќе добиен негативен одговор за отворање на капацитет за производство на РТФ гориво во Гевгелија, граѓанските активисти од оваа Општина излегоа на улица и побараа од државните институции да се почитуваат општинскиот став и волјата на граѓаните.
Компанијата „П и П индустрис“ од Скопје бара дозвола од Министерството за животна средина да изгради капацитет за рециклирање, преработка и производство на пелети од РТФ отпад како алтернативно гориво, каде ќе работат 11 работници.
„Сакаме чиста Гевгелија. Зошто да се носи оптад од страна за да се преработува овде? Општината веќе даде негативно мислење и не знаеме зошто повторно се бара. Гевгелија треба да биде посветена на земјоделството и туризмот, а не на индустрија“, кажаа гевгеличани на протестот пред општинската зграда, каде што советниците повторно мораа да расправаат за барањето од министерствата.
Советот на Општина Гевгелија едногласно даде негативно мислење со образложение дека капацитет за рециклирање, преработка и производство на РТФ гориво не е потребно, бидејќи според стратешките документи на Гевгелија, локалниот економски развој се гледа во други сектори, а не во тешката иднустрија.
Претставници на „П и П индустрис“ кажаа дека нивниот проект нема да загадува и нема да има никакво штетно влијание врз околината. Кажаа дека РТФ суровини ќе се носат од други места, бидејќи во земјава нема селекција на отпадот, а пелетите ќе бидат наменети исклучиво за индустриски капацитети кои имаат А-интегрирана еколошка дозвола.
Советот денеска даде негативно мислење и за барањето на Министерството за економија за детаљни геолошки истражувања за металични минерални суровини на планината Кожув.
В. ТРАЈКОВ