НЕ СЕ ДОЗВОЛИ НИ ПОГАЧА ДА БИДЕ ПОДЕЛЕНА НА ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА КАКО СИМБОЛ НА ПРИЈАТЕЛСТВО, ВЕЛАТ ГРЧКИТЕ УЧЕСНИЦИ НА ТУРАТА СО ЏИПОВИ ВО ПРЕСПА

    НЕ СЕ ДОЗВОЛИ НИ ПОГАЧА ДА БИДЕ ПОДЕЛЕНА НА ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА КАКО СИМБОЛ НА ПРИЈАТЕЛСТВО, ВЕЛАТ ГРЧКИТЕ УЧЕСНИЦИ НА ТУРАТА СО ЏИПОВИ ВО ПРЕСПАУчесниците сакале д аподелат погача со жители од македонската страна на границата кај Маркова Нога. (Фото: СДК.МК)

    Учесниците во петтата оф роуд тура што викендов се одржа во грчкиот дел на Преспа се обиделе, по стар обичај од тие краишта, да поделат погача со жители од македонската страна на границата кај Маркова Нога, но не им било дозволено од службено лице од македонска страна, кажува Стратос Василопулос, координатор на турата.

    „Годинава во договор со нашите заеднички пријатели донесовме погача со сол, онаа што ја разменува свекрвата на традиционалните свадби, за симболично да ја исечеме заедно со претставникот на НВО Преспа град, како знак на пријателство и заедништво на луѓето околу Преспа. Во времето кога почнавме да разговараме преку рампата еден полицаец од македонска страна не ни дозволи. Со тоа ја протресе во воздух најдобрата приватна иницијатива на пријателство и заедништво на народите! Само две минути го молев да ја пресечеме погачата, симболизирајќи го помирувањето на народите, но попусто. Срамно и за Македонија и за мене како организатор“, рече Василопуслос.

    Ова беше петта година по ред како ја организира турата „Преспа оф роуд трип 4х4“, а втората се одржа една недела пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Сите пет досегашни тури со џипови низ Преспа задолжително во агендата имаат и посета на граничниот премин Герман-Маркова Нога на грчко-македонската граница.

    „Моја иницијатива е секоја година да го посетуваме граничниот премин што повторно ќе се отвора, бидејќи и јас го имав поминато пред 1967 година, целта е да се нагласи дека некогаш луѓето немале граници и можеле да комуницираат со надеж дека во одреден момент повторно ќе се отвори“, додава Василопуслос.

    Ова беше петта година по ред како ја организира турата „Преспа оф роуд трип 4х4“, а втората се одржа една недела пред потпишувањето на Преспанскиот договор. (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека општо е верувањето оти речиси сите очајнички сакаат да го се отвори граничниот премин кај Маркова Нога, а тоа ќе значи равој на туризмот во Преспа од двете страни на Езерото.

    „До договорот од Преспа, патот беше исклучително тесен бидејќи беше напуштен по затворањето на преминот во 1967 година и се користеше само за земјоделски дејности. По Договорот, патот е отворен и колку што знам, во тек се процедурите за изградба на нов пат, со меѓународни стандарди“, додава Василопулос.

    Се надева дека турата вгодина ќе се изведе околу цело Преспанско Езеро поминувајќи низ трите земји кои го делат Грција, Македонија и Албанија. Верува дека иницијативата ќе привлече и луѓе од цела Европа.

    Василопулос се надева дека турата вгодина ќе се изведе околу цело Преспанско Езеро поминувајќи низ трите земји кои го делат Грција, Македонија и Албанија. (Фото: СДК.МК)

    „Турата би можела да се карактеризира како љубовта кон животот, природата, авантурата, бегството од секојдневието, талкањето по асфалтни и земјени патишта, во прекрасните планини на Лерин и завршување во сонливата околина на Преспа, комбинирајќи ги со разгледување на околината и во трагите на историјата“, додава тој.

    Турата започна пред пет години кога дел од пријателите на Василопулос, кој живее во Солун, посакаа со џипови да ја посетат Преспа каде тој има хотел. Во организацијата вклучени се и Тасос Шацихристос, возач шампион на рели, Даниел Петр, Теодорос Фацис, планинар, Теофилос Георгиу музичар, Јанис Константину, наставник по традиционални ора, водич, „Здружението на туристички и сродни дејности на општина Преспа“ со кое Василопулос претседава, под покровителство на Регионот Западна Македонија, Општина Лерин и Аминтао, со поддршка на „Хаџихристос рејсинг тим Флорина“ и „Елефтеракис експрес сервис Флорина“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира