Не се откажуваме се додека не се заврши работата и затвори прашањето со потенцијалниот рудник за бакар и злато „Иловица-Штука“ на планината Огражден, е пораката на струмичани кои синоќа на плоштадот се потпишуваа против отворање каков било рудник во Струмичката котлина. Низ музичко-поетски перформанс ги презентираа убавините на Струмичката котлина и планината Огражден кои со можното отворање рудник ќе бидат уништени. Парлалелно, со видеоматеријали предупредија на можните опасности по бидиверзитетот од работењето на рудник и последиците од одредени хаварии.
„Нема откажување. Многупати досега сме кажале дека рудник на смртта не сакаме во струмичко, регион препознатлив по земјоделско производство. Иако Владата ја повлече одлуката за спојување на двете концесии, сепак опасноста уште демне. Ова нека биде уште една порака до нив, да размислат какви одлуки носат. Нека го слушнат гласот на народот и нека не носат одлуки во интерес на одредени профитери, политичари, судии“, кажаа струмичани кои синоќа се потпишуваа против каков било рудник во Струмичката котлина, а младите истакнаа транспарент дека имаат право на здрава животна средина.
Книгите за потписи против рудник во Струмичко, ќе бидат дистрибуирани во сите општини и населени места во регионот за да можат жителите стават потпис дека не сакаат рудник за бакар и злато. За Стојан Велков-Трн од „Здрава Котлина“, овие потписи не е класична петиција, туку алатка пред секоја власт да ја види бројката на граѓани кои се против отворање рудник во својата котлина. Тој тврди дека сè додека Владата целосно не ги раскине договорите за концесии и не го затвори прашањето за Иловица-Штука нема да бидат мирни и спокојни.
„Работата треба да се заврши до крај. Нелегалните односно истечените концесии треба да се одземат во целост и ако целиот предмет повторно оди во судски инстанци, тогаш треба и Вишиот управен суд конечно да реши дека жалбите на концесионерот ‘Еуромакс’ не треба да ги уважува, од проста причина што тие концесии се мртви, односно се истечени. На луѓето им е преку глава од оваа работа која се врти во круг. Ова е седумгодишен отпор на граѓаните кои постојано реагираат и отворено го изразуваат својот револт дека се против отворање рудник. Целата работа не е завршена сè додека не се заврши“, кажа Стојан Велков-Трн.
Минатиот месец во центарот на Струмица се одржа протест против одлуката на Владата за спојување на двете концесии на Огражден со која се отвори вратата на потенцијалниот инвеститор да ја отпочне постапката. Откако одредени министри реагираа дека биле изманипулирани од Министерството за економија во врска со одлуките на Управниот и Вишиот управен суд и се случи протестот во Струмица, Владата на следната седница ја повлече одлуката.
В. ТРАЈКОВ