НЕ СЕ СРАМЕВМЕ ОД РАБОТА, ПО МАТУРСКАТА ВЕДНАШ ОТИДОВМЕ НА БЕРЕЊЕ ТУТУН – ВЕЛЕШКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ПРОСЛАВИЈА 60 ГОДИНИ МАТУРА

    НЕ СЕ СРАМЕВМЕ ОД РАБОТА, ПО МАТУРСКАТА ВЕДНАШ ОТИДОВМЕ НА БЕРЕЊЕ ТУТУН – ВЕЛЕШКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ПРОСЛАВИЈА 60 ГОДИНИ МАТУРАМатурантите од генерацијата 1958-1962 од велешката гимназија „Кочо Рацин“. (Фото: СДК.МК)

    Шеесет години матура одбележа генерацијата која средно училиште во Велес завршила пролетта 1962. Дел од нив повторно се собраа, барем неколку часа да бидат заедно, да се дружат и сеќаваат на драгите спомени, на младоста. Тоа се учениците од генерацијата 1958-1962 од велешката гимназија „Кочо Рацин“.

    Сите родени во екот на војната во 1943, кога Велес бил под окупација, растеле во сиромаштија, генерација која се хранела на бонови и пишувала на пиши-бриши таблички во прво одделение.

    „Сè што минавме во детството и младоста нè направи посилни, поиздржливи, похрабри, посмели. Секому му остануваат во убаво сеќавање годните поминати во младоста“,  вели Ане Маџаров, еден од 20-тината присутни на генерациската прослава.

    А четвртата година во мај 1962 ја завршиле стотина средношколци, во три класа. Оваа генерација има што да раскажува, многу детали, моменти кои не се само дел од нивниот живот, туку и од едно време, кое полека се заборава, а е дел од историјата на Велес.

    „Матурската вечер ја прославивме во салата ‘Атина’, во центар на градот, каде беше старата Библиотека. Бевме, како и сите пред нас и по нас, облечени свечено колку за тоа време. Концерт мајстор за забава ни беше класниот Црвенпанов. Бевме како генерација многу општествено ангажирани. Немаше љубомора, немаше карање. Во тоа време учевме по два јазика, француски, руски или германски“, вели Ѓоко Манчев.

    Со него е Лефко Лефков, со кого се надополнуваат раскажувајќи ја историјата, навраќајќи се во спомените.

    „Матурската се правеше цела ноќ, сè до зазорување. Потоа идеа зурли, тапани и со нив се одеше на манастирот ‘Св. Димитрија’ и со тоа завршувавме. Пред матурската секоја вечер правевме серенади, одевме под пенџере кај класините и со гитара и песна, се дружевме. Отидовме и кај директорот Славчо Николов, голем човек беше тој за градот. Кај класната Виолета Грабулова имаше и играње на маса“, додава Лефков.

    Дел од генерацијата е и Борче Ристевски од Теово, кој живее во Свети Николе каде го минал и работниот век. Тој има напишано 17 стихозбирки. Но иако има што да каже, вели сè што имал напишал, и се реши на молчење за настаните од младешките денови.

    „Имавме професорка по германски, познатата Бабушка, дојдена од царска Русија 1917 во Велес со сопругот ,кој беше висок со воен чин во Русија. Таа и останатите професори, нè научија во животот на силни човечки вредности. Кога почина подоцна, ние, нејзините поранешни ученици, ја погребавме и неа и сопругот, оти немаа друг од семејството. Тоа беше наша почит кон неа. Цел живот во Велс го минаа како потстанари“, кажува Лефков.

    „Немавме срам од физичка работа. Ноќта ја славевме матурската, а сабајлето на магарица на тутун берење. Како деца многу работевме, сите. После зградата на гимназијата беа полиња, сè беше тутун, афион, гледавме како работат луѓето и ние работевме“ објаснува Манчев.

    На оваа матурска прослава дојдени беа соученици и од Скопје и од Струмица, велешани кои животниот пат ги разнел по Македонија.

    „Дружењето ни остана, оти споменати нè врзуваат. Имавме убав ученички живот. Со некои учам уште од прво одделение, толку години сме заедно. Прво одделение ни дадоа и тетратки и моливи. Моливите на половина ги делеа. Се сеќавам, дотогаш лак немав помирисно и тој мирис на лак од моливот ми остана цел живот во сеќавање. За краснопис, за да се исуши мастилото, носевме пепел од огништа од дома. Пишувавме со перодршка и мастило. Многу учевме, па од генерацијата многу од нас завршија факултет“, кажа Елена Шопова, моминско Чадиева.

    Класни на генерацијата биле Љупчо Црвенпанов, Лилјана Ставрева, Виолета Грабулова.

    „Во прво одделение во’ Св. Кирил и Методиј’ кога учевме немавме тетратки туку табли и калем од камен. Од едната страна на таблата со коцки од другата тесни и широки, пиши-бриши беше со сунѓерот. Така беше во прво полугодие 1950-та, во второ полугодие ни дадоа моливи и тетратки. Тоа беше вистинско богатство, толку ги чувавме. По четврто одделение не одевме петто, туку тогаш беше први клас, се учеше осум класа. По завршувањето на први клас, се воведе осумгодишно основно образование и продолживме со шесто одделение, први клас ни го рачунаа како петто одделение“, се присетува Маџаров.

    Средбатабеше  прекратка за да се кажат работи кои се случувале со години во текот на образованието. Си посакаа добро здравје и догодина да се сретнат пак, за да ги дораскажат работите за кој овојпат немаа време.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира