НЕ ТЕЧАТ ФЕКАЛИИ ВО ЕЗЕРОТО, ПРЕЛЕВА ЧИСТА ВОДА, АМА КОЛЕКТОРОТ Е ЗАПУШТЕН И МОРА ДА СЕ ЧИСТИ, ВЕЛАТ ОД ОХРИДСКИ ВОДОВОД

    НЕ ТЕЧАТ ФЕКАЛИИ ВО ЕЗЕРОТО, ПРЕЛЕВА ЧИСТА ВОДА, АМА КОЛЕКТОРОТ Е ЗАПУШТЕН И МОРА ДА СЕ ЧИСТИ, ВЕЛАТ ОД ОХРИДСКИ ВОДОВОДВластите велат дека се обезбедени еден милион евра за прочистување на колекторскиот систем и поправка на најкритичните пумпни станици. - Рибар покрај шахта од колекторот кај Лагадин (Фото: СДК.МК)

    Вода од охридскиот колектор деновиве се прелива од неколку шахти на брегот на езерото. Ова е највидливо на главната шахта кај населбата Лагадин. Од јавното претпријатие „Про-Аква“ велат дека тоа е резултат на затнатиoт цевковод и оти од него се прелива чиста вода, а не фекалии.

    По многу години експлoатација, во цевководот има повеќе чиста вода отколку фекалии. Фекалиите биле толку растворени во водата што тие се наоѓале на дното на цевките што им создава проблеми на црпните станици да ги повлечат.

    Изминатите неколку години во лето, кога има повеќе туристи, се случуваше да прелеваат шахтите кај Лагадин. – Искршена шахта кај Лагадин (Фото: СДК.МК)

    „Во овој момент не течат фекалии од шахтите на колекторот. Тоа е прелив на чиста вода. Ние имаме наплив на вода во цевководот поради високиот водостој на езерото и на подземни води. Тие навлегуваат во системот каде што има многу корења кои се зацврстиле на цевките со години. Тие не ѝ даваат на водата да тече непречено. Со локалната власт преземаме активности за санирање на овој проблем. Обезбедени се еден милион евра за прочистување на колекторскиот систем и поправка на најкритичните пумпни станици“, ни изјави директорот на „Про-Аква“ Владимир Алексиески.

    Алексиески најави значаен зафат за подобро функционирање на колекторскиот систем, со употреба на роботизирани машини.

    „Една хрватска фирма ни понуди да го реши пробллемот. Тие имаат роботизирани машини ќе го чистат цевководот на најзагрозените делови на колекторот кај Подмоље, Лагадин. Откако роботи ќе го исчистат цевководот во постојните цевки ќе се вметнат нови цевки со што ќе се зголеми пропусната моќ на системот. Ќе се чисти од шахта до шахта. Оваа фирма сличен ваков проблем реши во градот Ровињ. И таму колекторот беше во иста состојба како нашиот и по нивната интервенција сега тој функционира многу добро“, вели Алексиески.

    Од „Про-Аква“ напоменуваат дека во изминативе четири години на колекторскиот систем не бил сменет ниту еден шраф.

    Жителите на Лагадин со години бараат од надлежните да го  решат проблемот со пречистителната станица бидејќи колекторот нема капацитет да го издржи сè поголемиот број на градежни објекти и урбанистички интервенции на крајбрежјето.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира