НЕКА НИ ГО ДАДЕ АРСОВСКА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“, ОПШТИНАТА ЌЕ ГО ДОВРШИ БУЛЕВАРОТ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИСЕЛА ВОДА ЃОРЃИЕВСКИ

    НЕКА НИ ГО ДАДЕ АРСОВСКА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“, ОПШТИНАТА ЌЕ ГО ДОВРШИ БУЛЕВАРОТ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИСЕЛА ВОДА ЃОРЃИЕВСКИВо кампањата ја шетавме и ветуваше проекти, ама гледаме дека нема капацитет да ги реши проблемите на граѓаните. Ѓорѓиевски и Арсовска (Фото: Фејбук)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска нема капацитет ниту е заинтересирана за изградбата на булеварот Борис Трајковски кон Драчево, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. Тој вели дека работите на терен се одвиваат многу бавно, пробиена е само 40 отсто од трасата и нема никаква динамика на реализиација на овој значаен проект за голем број граѓани кои живеат во овој дел од градот.

    „Сите експропријации кои до сега се решени, а тоа се повеќе од 30, се издејствувани со наше лобирање. Ниту сме повикани месеци наназад од страна на претставници на Градот да видиме кои се пречките, како да ги надминеме, до каде сме стигнати, ниту пак има некое движење од нивна страна или заинтересираност да се решат проблемите побрзо. Не знам кој е планот, но гледам дека градоначалничката Арсовска е индиферентна не само за овој проект туку и за останатите процеси во градот. Ние во кампањата ја шетавме по населени места каде ветуваше реализација на многу проекти, а сега нема ништо. Јас дури и се размислувам јавно да прашам дали Градот има капацитет да го изведе овој проект, а ако нема нека го предаде на Општина Кисела Вода. Спремни сме дури и кредит да земеме и ние да го финансираме ако Градот не сака да учествува. Станува збор за делница која ја користат над 100.000 жители односно не само граѓаните на Драчево туку и од Студеничани, Батинци, Зелениково и Долно Лисиче“, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

    Градежните работи на булеварот Борис Трајковским почнаа во јуни 2021 година во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Тогаш беше кажано дека според договорот булеварот ќе биде готов за две години, односно летово. Но, според состојбата на терен тоа нема шанси да се случи.

    Според проектот проширување во булевар на улицата Борис Трајковски се врши од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево. Сообраќајницата во должина од 2.3 километри наместо две треба да добие четири коловозни ленти, пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна. Kрстосницата пред мостот кај Драчево ќе биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.

    Изградбата на булеварот чини околу 3,5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира