Конзулска Битола се гордее со Широк Сокак, а само на стотина метри се наоѓа таканаречената Конзулска улица каде се распаѓаат старите конзулати. На нив се темели старата битолска традиција. Објектите денес претежно се во приватна сопственост, но дел се и под заштита на државата како архитектонски бисери и објекти од историско значење. Ако под итно не се преземат мерки за нивна заштита, Битола ќе остане без едни од најубавите градби со неокласичен стил.
Оштетени фасади, искршени прозорци, изронети ѕидови, недолични чкртаници. Вака, денес изгледаат објектите на некогашниот Британски, Српски, Грчки и Француски конзулат, сите распоредени на улицата Кирил и Методиј во центарот на Битола.
„Секој конзулат е своевидно огледално пресликување на уметничките дострели, на архитектурата на државата која го користела објектот, како конзулат. Објектите редовно биле монументални градби, (подрум, приземје и спрат), а често пати и како синтеза од станбена зграда и објект од јавен карактер. Неокласицизам е ракописот, по кои се градени овие објекти. Имаат изразени барокни елементи, а некои од нив и неоренесансни карактеристики. Тоа најдобро е покажано кај високите канелирани столбови и капители; кај тимпаноните, балконите и декорацијата на влезните врати и прозорите. Неретко, кај надпрозорните делови и кровните венци, се сретнува и флорна декорација. Сиот овој западно-европски манир, се огледувал во архитектурата, начинот на облекување и однесување. Не случајно, Битола го носи епитетот македонска лулка на европската цивилизација”, вели архитектот Зоран Николовски од Битола.
Поранешниот Грчки конзулат, во поново време, старата Општинска зграда, до пред 20 години намамуваше погледи со воодушевување поради архитектонската грандизоност. Пречекуваше политичари, државници и други гости, беше сведок на значајни одлуки, а просториите преку викенд беа полни радост зашто таму илјадници битолчани го кажуваа своето судбоносно „да“. Објектот денес е во лоша состојба. Олуците се стари и кога врне дождот тече директно низ фасадата, па го има изроенето малтерот. Влезот некогаш наликуваше на приод кон палата, а денес за снимање хорор филмови. Делови од мермерните скали се искршени, а влезната врата исчкртана со недолични цртежи. Објектот со денационализацијата ѝ беше вратен на црквата. Тука беа снимени кадри од повеќе македонски флимови меѓу кои и „Трето полувреме“.
До него во иста состојба е некогашниот Француски конзулат, денес во приватна сопственост на црквата. Фасадата се распаѓа, а влезот станува депонија од шишиња, игли и шприцеви.
Британскиот е најстариот конзуларен објект во Битола од пред 170 години кој е под надлежност на ЈП за стопансиување со станбен и деловен простор, но на еден од катовите со години под наем живее и семејство. Не сакаат да зборуваат во јавност, но очигледно е дека се соочуваат со проблеми за одржување на објектот зашто е стар и голем. Неколку метри над него е поранешниот Српски конзулат, отворен 1888 година, денес приватна сопственост на семејство од Белград. Беше искористен за снимање на кадри од „Ослободувањето на Скопје“.
Новите конзулати се преместени на Широк Сокак или во споредните улички. А проблемот со старите конзуларни преставништва не е нов, туку се провлекува со години.
Од Завод и музеј – Битола соштија дека конзулатите, со исклучок на Британскиот, се во приватна сопственост, па примарната одговорност за грижа е на терет на сопствениците.
„Објектот на некогашниот Британски конзулат, како и објектот на Францускиот конзулат се заштитени со поединечни решенија, додека пак објектот на Српскиот конзулат, нема поединечно решение. Во 2001 година е конзервирана и реставрирана фасадата на Францускиот конзулат, додека пак на другите објекти нема превземени зафати, што е резултат и на недостиг на кадар и финансиските можности за да може да се реализираат сите проекти. Во пракса иако негрижата за приватните објекти кои се заштитени треба да биде на сопствениците, најчесто одговорноста за нивната лоша состојба се бара во/кај институциите“, писмено одговорија од Завод и музеј Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА