НЕКОЛКУ ГОДИНИ НЕ РАБОТИ ГАЛЕРИЈАТА ВО ШТИПСКО НОВО СЕЛО СО 222 ИКОНИ И ЦРКОВНИ ПРЕДМЕТИ ЗАШТО РЕСТАВРАЦИЈАТА Е ВО ЗАСТОЈ

    НЕКОЛКУ ГОДИНИ НЕ РАБОТИ ГАЛЕРИЈАТА ВО ШТИПСКО НОВО СЕЛО СО 222 ИКОНИ И ЦРКОВНИ ПРЕДМЕТИ ЗАШТО РЕСТАВРАЦИЈАТА Е ВО ЗАСТОЈОд црквата „Пресвета Богородица“ објаснуваат дека галеријата е затворена затоа што е празна, а целата содржина била земена од Музејот во Штип (Фото: СДК.МК)

    Конзервирани се сите икони и предмети, но реставрацијата на внатрешниот простор на галеријата во штипско Ново Село неколку години тапка во место. Ристе Крмов од НУ Завод и Музеј во Штип, задолжен за реализацијата на проектот, вели дека просторот е сопственост на Брегалничката епархија, а тие се задолжени само за заштита на црковното културно и историско богатство.

    Директорот на Музејот, Мите Штерјов, вели дека секоја година добиваат средства од Министерството за култура за завршната фаза на проектот, но ги враќаат назад затоа што нема писмена согласност од епархијата.

    Од црквата „Пресвета Богородица“ во Ново Село објаснуваат дека галеријата е затворена затоа што е празна. Сите икони и целата останата содржина биле земени од Музејот во Штип, за што бил составен и записник. Црквата сега прави напори да ги обнови подот и целиот простор на галеријата, каде требало да се постават разни инсталации за нејзина поголема функционалност, а треба да се реновираат и ѕидовите во внатрешноста, на кои ќе се стават иконите и црковните предмети.

    До завршувањето на започнатите реставрација и конзервација, во Штип сега работи само галеријата на икони во црквата „Св. Никола“ во центарот на градот. Таа се реставрираше пред петнаесетина години и содржи над 100 икони, црковни експонати и разни предмети.

    Галеријата на икони во црквата „Пресвета Богородица“ е постара и по содржината позначајна, што се потврдува и со историските записи за неа.

    Во 1972 година, тогашните црковни достоинственици заедно со Музејот во Штип и поединци од областа на културата дале иницијатива да се востанови постојана уметничка галерија во оваа црква во штипско Ново Село, која датира од 1800, а била обновена во 1850. За кратко време, галаријата била збогатена со 222 икони и црковни предмети, претежно изработени од 1861 до 1866 година, но некои датираат и пред и после тој период, собрани од Брегалничкиот Регион.

    Посебно место во изложбената постановка ѝ припаѓа на иконописната претстава на платно ‘Чудотворната моќ на Богородица‘, изработена од зографот Теодосие од Велес. Таа ги прикажува чудата на оздравување на неговиот син Илија пред ликот на Богородица, во присуство на синот и неговата жена“, вели Влатко Мирасчиев од Брегалничката епархија.

    Свештениците во црквата во Ново Село додаваат дека на зографот Теодосие му се припишуваат и вредните икони „40 Севастијански маченици “, „Воздвижение на чесниот крст“, „Полагање риза под чудотворната икона на пресвета Богородица“, „Шестиот Вселенски собор во Цариград“ и „Седмиот Вселенски собор во Никеја“.

    Во галеријата има и икони работени од зографите Атанасие, Петре Новев Печаров и Јован Атанасов Будилов. Во втората половина на 19. век се појавил зографот од Штип, Данило Коцев-Штиплијата, кој во 1914 ја насликал композицијата во маслена техника „Полагањето на Христос во гроб“. Пет години подоцна, зографот Костадин Иванов Вангелов го создал „Оплакувањето на Христа“, а во архивата е и едно ретко дело, „Обрезание Христово“, што Коцев го насликал во 1895 година. Путирите, кандилата и другите предмети ја илустрираат умешноста на локалните кујунџински работилници.

    Црковниот храм „Пресвета Богородица“ е меѓу првите црковно-училишни општини во Македонија. Во рамките на црквата и нејзиниот двор е изградено и училиштето, кое подоцна прераснало во прва учителска школа во Македонија. Таму од 1894 до 1896 учителствувала плејада напредни дејци, меѓу кои и Гоце Делчев и Даме Груев.

    По некои историски податоци, во 1809 црквата изгорела во пожар, но по неколку децении била обновена од талентираниот прота мајстор Андреја Дамјанов (1800-1878) и неговите браќа Никола, Ѓорги и Коста. Тие ја украсиле внатрешноста на црквата и вовеле новини со подигнувањето камбанарии во кругот на црквата, а Андреја Дамјанов вклопил и скривници во црквата, кои подоцна Гоце Делчев, Даме Груев и други ги користеле како засолниште.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира