Нема да се уриваат времените објекти на мостот Гемиџии во Велес, од левата страна на улица Илинденска. Акционерско друштво за изнајмување, стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП), нема желба да ги отстрани, иако нивната функција е одамна надмината. Лимените бараки се поставени во 1978 година.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев на седница на Советот, одговарајќи на прашањето кажа дека средствата наменети за уредување на овој простор ќе се пренаменуваат за други ставки.
„За времените објекти на мостот Гемиџии не можевме да се договориме тие да се отстранат, ниту со претходниот, ниту со сегашниот директор на акционерското друштво. Од толку дуќани, само еден има закупец и се користи. Сакаме да го уредиме просторот, но не можеме. Ме советуват да се обратам до Владата, останува уште тоа да се стори. Времените објекти не се во функција, времето ги прегазило. Ако сакаат да ги изнајмуваат треба да ги реновираат и да вложат средства“, кажа Колев.
Од АДИССДП одговорија дека од 12, пет простории се издадени, а за останататие се бара закупец.
„Постапката за нивен закуп е идентична со таа што се применува за сите деловни простории со коишто стопанисува Друштвото, односно согласно одредбите од Правилникот за условите, начинот и постапката за издавање под закуп на деловен простор, во кој меѓу другото, е прецизирано дека деловниот простор се издава во видена состојба. Посочените објекти се државен имот, и на нив АДИССДП има корисничко право, па оттука, секоја дислокација е невозможна без согласност на Владата, по претходна одлука на одборот на директори на Друштвото“ , велат од АДИССДП.
П. ПЕЧКОВ