НЕМА ВРЕМЕ ЗА ЧЕКАЊЕ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО ПУЛМОНАЛНА ХИПЕРТЕНЗИЈА, МАРАТОНЦИ ИСТРЧАА 50 КИЛОМЕТРИ ОД СТРУМИЦА ДО ГЕВГЕЛИЈА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА РЕТКАТА БОЛЕСТ

    НЕМА ВРЕМЕ ЗА ЧЕКАЊЕ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО ПУЛМОНАЛНА ХИПЕРТЕНЗИЈА, МАРАТОНЦИ ИСТРЧАА 50 КИЛОМЕТРИ ОД СТРУМИЦА ДО ГЕВГЕЛИЈА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА РЕТКАТА БОЛЕСТТриесетина маратонци и велосипедисти ја истрчаа и извозеа делницата од 50 тина километри за да ја подигнат јавната свест за ова ретка болест, која може да предизвика и фатални последици за лицата, но и да се алармираат надлежните институции да обезбеди терапија на сметка на Фондот за здравствено осигурување (Фото: СДК.МК)

    За нешто помалку од пет часа заврши ултрамаратонот од Струмица до Гевгелија посветен на пациентите со пулмонална хипертензија. Триесетина маратонци и велосипедисти ја истрчаа и извозеа делницата од 50 тина километри за да ја подигнат јавната свест за ова ретка болест, која може да предизвика и фатални последици за лицата, но и да се алармираат надлежните институции да обезбеди терапија на сметка на Фондот за здравствено осигурување.

    Маратонците и велосипедистите во Гевгелија ги пречека Ѓурѓица Ќаева која десетина години страда од ова болест и преку здружението „Момент плус“ постојано алармира за правата на овие пациенти кои сами се снабдуваат со скапата терапија за лекување.

    „Ви се восхитувам на големината како луѓе, големите срца и желбата што ја имате да нѝ помогнете. Ова многу нѝ значи, и не само за пациентите од Македонија туку за сите што страдаат од пулмонална хипертензија, бидејќи носите порака да не се занемаруваат симптомите на ова ретка болест, која ако не се открие навреме и покрие со терапија може да заврши фатално за сите нас“, рече Ќаева, која му се заблагодари на Никола Ѓеоргиев за иницијативата да се трча ултрамаратон за пациентите со Пулмонална хипертензија за што допатува директно од Швајцарија.

    Во земјава има околу 15-тина пациенти со Пулмонална Хипертензија, но се претпоставува дека бројката е многу поголема бидејќи во земјава нема официјален регистар за ова ретка болест. Ќаева уште еднаш апелираше до институциите во државата да се интервенира независно дали ова болест, кај пациентите е примарна или предизвикана од друго заболување

    „Нашата порака е навремена дијагноза и третман не само за нашата, туку за сите ретки болести. Немаме време за чекање и затоа надлежните институции лековите треба да ги обезбедат во најскоро време. Да се скратат тендерските постапки и системско решавање на проблемот, затоа што секој заслужува барем малку подобар живот“, рече Ќаева.

    Ултрамаратонот стартуваше од Струмица каде маратонци од државава и велосипедисти се загреваа на плоштадот. По пат од Валандово и Богданци им се приклучија и други атлетичари и велосипедисти. Тие тврдат дека не била тешка делницата оти трчањето немало натпреварувачки карактер, а и сончевото време им одело во прилог. Горди се што успеале во градовите и низ учесниците во сообраќајот да алармираат за ова ретка болест.

    „Треба да сме хумани и да ја поттикнеме свеста за ова тешка болест. Сакаме да донираме насмевки, здравје и среќа на лицата кои страдат од пулмонална хипертензија. Трчавме за да им дадеме морална поддршка но и да ги поттикнеме владините институции да помогнат бидејќи пациентите, па и Ѓурѓица кажа дека нема време и лекови на позитивната листа им се потребни “, рече Никола Ѓеоргиев кој постојано ги бодрел останатите учесници да издржат до крајната цел.

    Кире Тасев од ВК „Актив“ од Струмица кои заедно со Здружението на лица со пулмонална хипертензија ,, Момент плус“ го организираа овој ултрамаратон, рече дека им е мило што успеале да ги анимираат граѓаните од југоистокот да дадат поддршка на лицата со пулмонална хипертензија

    „Со овој маратон верувам дека го свртевме вниманието на надлежните конечно да обезбеди лекови за овие лица на позитивната листа“, рече Тасев.

    Пулмоналната хипертензија е ретка болест која го отежнува дишењето кај пациентите заради стеснување на белодробната артерија која ги поврзува десната страна на срцето со белите дробови. Министерот Венко Филипче неодамна рече дека пациентите ќе ги добијат потребните лекови на сметка на државата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира