Нема зголемена радијација во воздухот, се земаат мостри од водата и почвата во Трубарево, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по големиот пожар во кој вчера и утрово гореше пасен отпад од литиумски батерии, електронски и електричен отпаден материјал во рециклажниот центар „Ф групација“.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопштија дека вечерва од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани. Се фрла специјална пена врз песочната покривка за целосно сопирање на чадењето.
Институтот за јавно здравје вели дека врши следење на физичко хемиски својства во почва и вода и врши мониторинг на зрачење (радијација) во воздух, вода и почва. ИЈЗ поседува референтна акредтирана лабараторија со најсовремена опрема и дванесет мерни станици како и високо квалификуван и обучен кадар за следење на јонизирачко зрачење (радијација) во воздух. ИЈЗ во реално време мери и добива информации за евентуалното зрачење во воздухот.
„Во периодот од 7 до 14 септември 2025 година нашиот автоматски систем за мерење на радијација во воздухот работеше непрекинато и редовно ги следеше податоците од сите 14 мерни места низ Македонија. Меѓу нив е и станицата во Скопје (MKMP-1). Резултати за Скопје (MKMP-1): Просек во периодот: 51 нано сиверт на час Најниска и највисока вредност: од 51 до 69 нано сиверти на час. Денес (14 септември 2025 во 11:30 ч.): 50 нано сиверти на час. За споредба: сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно нормалното природно зрачење кое секогаш е присутно во нашата околина. Нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или на ризик за здравјето на граѓаните. Во моментот нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење односно радијација во воздухот“, вели ИЈЗ.
ИЈЗ вели дека испрати вонредни обучени екипи по насока на инспекторатот за животна средина, Министерство за здравство и Кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко хемиска анализа, а воедно ќе земат примероци (мостри) од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење исто така во непсредна близина на засегнатите подрачја. По анализата и обработката ИЈЗ ќе ги сподели резултатите со јавноста.
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска денеска на прес-конференција рече дека тие не ги прават физичко-хемиските анализи во воздухот, мониторингот го прави друга државна институција.
„Ние сме законски обврзани да правиме мониторинг на квалитет на воздух, почва и вода, на радијацијата во воздухот и можам да кажам дека Институтот располага со најсовремена опрема за оваа намена и со професионалци. Имаме 12 мерни станици низ цела држава, од кои неколку во Скопје, кои во реално време ни покажуваат дали има отстапувања на параметрите за радиоактивност во воздухот. Според нашите сознанија, во моментов нема никакво, ни минимално отстапување од нормалните параметри, што се однесува за радиоактивност во воздухот. Денес и утре, наши екипи ќе направат анализи, ќе ги проверат и почвата и водата“, изјави Андоновска.
Во опожареното складиште во скопско Трубарево денеска е поставена мерна станица, за да го провери квалитетот на воздухот во реално време. Министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити кажа дека денеска ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“, но до 19 часот тие не се објавени.
- ВАКВИ РАБОТИ ЌЕ СЕ СЛУЧУВААТ И НЕМА ДА ПРЕСТАНАТ, НАПАДИТЕ ДОАЃААТ ОД ЦЕНТРИ ВО ДРЖАВАТА И ОД НАДВОР, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ПО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО
- ЧЕТИРИ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРОТ ВО СКОПСКО ТРУБАРЕВО
- УЧЕНИЦИТЕ ОД ТРУБАРЕВО ЕДНА НЕДЕЛА ЌЕ УЧАТ ОНЛАЈН ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ ПО ПОЖАРОТ
- ПОД КОНТРОЛА Е ПОЖАРОТ ВО ТРУБАРЕВО, НЕ ГОРИ АМА ИМА СИЛЕН ЧАД, ДЕЛОТ СО ЛИТИУМСКИ БАТЕРИИ Е ЗАТРУПАН СО ПЕСОК, РЕЧЕ АНГЕЛОВ