НЕМАШЕ ЕКСПЛОЗИИ ОД БОМБИ, НИТУ ДВА ПОЖАРА, РЕЧЕ ШУМСКИОТ ЧУВАР НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ КАЈ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

    НЕМАШЕ ЕКСПЛОЗИИ ОД БОМБИ, НИТУ ДВА ПОЖАРА, РЕЧЕ ШУМСКИОТ ЧУВАР НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ КАЈ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТМестото каде започна пожарот во 2019 година. (Фото: СДК.МК)

    Сведочењето на шумскиот чувар Робин Андовски, кој пред пожарникарите стигнал на местото каде започна пожарот на Езерото Младост на 26 август 2019, даде нови моменти од настаните кои се случувале таму. Тој го отфрли сведочењето на пожарникарот Тони Цветков од претходното рочиште, дека во боровата шума на почетокот од патот кон езеро Младост имало два пожара, дека имало екслозии од бомби и дека пожарникарите имале исправна опрема.

    „Јас не видов два пожара, станува збор за еден пожар, никако два. И вештачењето на стручните лица од ЈП Македонски шуми зборува за еден пожар. Пукотници немаше. Боровите кои беа високи 5-6 метри од двете страни на патот имаа шишарки, кои искреа и пукаа, но експлозии немаше. Шишарките летаа и до 30 метри и така огнот се префли од едната страна на другата страна од патот. Ние со колегата Рамче седевме на блиската бензиска пумпа и за 2-3 минути стигнавме до местото каде се појави чадот. Слушнавме од работниците дека тие додека работеле со брусилица, од искрите била зафатена сувата трева во реонот викан Медалко. По 10 минути стигнаа скоро истовремено полицијата и пожарникарите. Пожарникарите беа со две возила, џип и камион. Џипот имаше неисправен воден топ и не можеа да интервенираат, ако работеше можеби пожарот ќе имаше друг тек. Ќе беше локализиран“, кажа Андовски.

    На претходното рочиште, пожарникарот Цветков тврдеше дека дошле со исправни возила, дека поради експлозии од куршуми и бомби морале да се повлечат од боровата шума и дека имало уште еден пожар кој доаѓал од правец на автопат, наспроти овој кој се ширел од месноста Медалко. Исто сведочење имаше и пожарникарот Роберто Шакиров. На денешното рочиште сведочеше и техничкиот советник ангажиран од одбраната, докторот на шумски науки Николчо Велковски, професор на Шумарски факултет во Скопје.

    „На сликите на НАСА од критичниот ден 26 август 2019 во 12,06 чaсот триесетина минути по појавата на пожарот  се гледаат девет пожари, од нив 6 се во права линија. Тоа е чудно и невообичаено, оти пожарите се шират концентрично околу изворот. Овие девет пожари не се меѓусебно поврзани, не се споени, таков случај досега не сум сретнал. Овие фотографии на НАСА кои се во изготвеното сведочење, се јавно достапни“, кажа Велковски.

    Неговата проценка за висината на штетата од пожарот од 6,3 милиони денари ја отфрли државниот правобранител Валерија Николова, бидејќи кажа дека не е работена по правилник од Законот за шуми. Судењето продолжува со сослушување на сведоци на одбраната.

    Обвинетите за пожарот кој на 26 август 2019 ја зафати околината на велешкото Езеро Младост, Тасе Илиевски, Марјaн Ангелов и фирмата „Реал градба“ која  ги ангажирала работниците,  не се чувствуваат за виновни. Тие се обвинети за  „Тешки дела против општата сигурност“ и дека  делото  предизвикување општа опасност, го сториле со умисла.

    Обвинителството ги товари дека при работите не презеле доволно мерки согласно правилникот за работа, па  од искри исфрлени од апарат за брусење пламнал пожар кој ја зафатил околината на езерото. Од искрите се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, при што  била опожарена и поголема шумска површина.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира