Во основното училиште „Страшо Пинџур“ во штипското село Карбинци денеска имаше прекин на наставата откако се рашири вест за неуспешен обид за киднапирање на ученици, случај за кој од полицијата велат дека станува збор за покана за кафе за ученичка, која ја одбила и веднаш пријавила кај директорката. Прекин на наставата имало и во две соседни села, Стар Караорман и Таринци, откако родителите си ги зеле децата од училиштата.
Од МВР издадоа демант за веста објавена од локална телевизија, велејќи дека пласирањето на вакви шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
„Според официјалната пријава до полицијата: Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило ‘голф’ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, се вели полицијата.
Оттаму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации.