Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, изјави дека немале никакви можности да го спречат бегството на осудениот експремиер Никола Груевски додека минувал низ неговата држава.
„Не, ние немавме никакви можности за тоа, дејствувавме исклучиво според законите и прописите. Кога поранешниот македонски премиер ја поминуваше црногорската територија во автомобил со странски дипломатски таблици, тој не беше лице надвор од законот и имаше уредни патни исправи. Нашите безбедносни служби и полиција, кои за тоа ги известија во партнерски однос и службите за безбедност на Македонија, немаа никави овластувања да делуваат поинаку отколку што делуваа. Сѐ друго би било пречекорување на овластувањата и веројатно нешто што тешко би го оправдале“, рече црногорскиот министер.
Запрашан со какви документи Груевски ја поминал црногорската граница, Драмановиќ рече дека нема точни информации. Мисли дека во прашање бил патен лист, но не е сигурен и треба да се провери.
Тој денеска беше прогласен за почесен доктор на науки на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, а во своето обраќање кажа дека пријателските односи помеѓу двете земји се гледаат секојдневно.
Ж. ЗДРАВКОВСКА