НЕВРАБОТЕНИ, СТЕЧАЈЦИ И СТУДЕНТИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ДАРИТЕЛИ НА КРВ ВО ВЕЛЕС, НАЈХУМАНАТА ОПШТИНА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2018

    НЕВРАБОТЕНИ, СТЕЧАЈЦИ И СТУДЕНТИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ДАРИТЕЛИ НА КРВ ВО ВЕЛЕС, НАЈХУМАНАТА ОПШТИНА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2018Министерот за здравство Венко Филипче им врачи признанија на најредовните дарители на централната манифестација на Републичкиот Црвен крст, која се одржа во Велес (Фото: СДК.МК)

    Велешани се лидери во крводарување во земјава и планот за 2018 го надминале за 243%. Тие собрале вкупно 4.519 крвни единици, додека планот предвидувал 1.861. Од тие кои дарувале крв, четвртина немале директна корист, 590 првпат се дарители и дури 442 ученици со наполнети 18 години дарувале крв.

    „Територијата на Црвен крст на Велес не е најголема во земјава, ниту е најбогата и добро стоечка, но затоа има доволно големи луѓе кои даруваат крв во секоја пригода, не само кога е потребна. Иако транзицијата остави голем број луѓе без приход, како стечајци и невработени, тоа не ги спречи, покрај сите нивни маки, да даруваат крв. На нив и на сите други кои покажаа висок степен на хуманост, големо благодарам. Ова покажува дека сè уште има луѓе во вистинска смисла на зборот, хумани, човечни, не егоисти“, рече д-р Милчо Трајков, претседател на ОО на Црвен Крст на Велес.

    Тој дополни дека освен велешани, територијата која ја покрива општинскиот Црвен крст ги опфаќа и дарителите од општините Чашка и Градско. На нив денеска, на централната манифестација на Републичкиот Црвен крст, која се одржа во Велес, признанието им го врачи министерот за здравство Венко Филипче.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира