НЕВРЕМЕ УНИШТИ ПРИКОЛКИ И КОРНЕШЕ ДРВЈА ВО КАМПОТ ЉУБАНИШТА И ВО ТРПЕЈЦА, НЕМА ПОВРЕДЕНИ

    НЕВРЕМЕ УНИШТИ ПРИКОЛКИ И КОРНЕШЕ ДРВЈА ВО КАМПОТ ЉУБАНИШТА И ВО ТРПЕЈЦА, НЕМА ПОВРЕДЕНИОд силниот ветер искршени се дрвја, а дел од нив паднале и врз приколките.(аматерска фотографија)

    Невреме проследено со силен ветер и дожд вчера попладне го зафати и охридското крајбрежје. Во автокампот Љубаништа, кај Свети Наум, уништени се дел од приколките и шаторите. Од фотографиите што ги испрати читател, се гледа дека во кампот од силниот ветер искршени се дрвја, а дел од нив паднале и врз приколките.

    Од кампот велат дека нема повредени и дека допрва ќе се утврдува штетата.

    Оштетени приколки во кампот Љубаништа. (аматерска фотографија)

    Силно невреме вчера го зафати и Преспанскиот регион. Десетина села остнаа без струја, а како што изјави градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски причинета е значителна материјална штета.

    Големо невреме вчера попладне ја зафати и Трпејца. (аматерска фоторафија)

    Од Центарот за управување со кризи информираат дека од силното невремето уништен е и автокампот Крани.

    „Невреме со силен дожд и ветер го зафати село Крани и автокампот, како и Претор и Наколец. Од невремето има паднати дрвја, бандери и во прекин е електричната енергија. Во автокампот има паднати дрвја врз камп приколки и истите се оштетени. Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите. Нема повредени. Од невремето зафатени се и селата Долно Дупени, Сливница и Љубојно. Во село Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетена куќа и автомобил, а во село Наколец паднато дрво го препречило локалниот пат кон ова село“, информираат од Центарот за управување со кризи.

    Големо невреме вчера попладне ја зафати и Трпејца, познатата туристичка населба на источното охридско крајбрежје. Силниот ветер корнеше дрвја, а високите бранови ги фрлаа кајчињата на брегот.

    Жителите на Трпејца не паметат вакво невреме и велат дека е голема среќа што нема човечки жртви.

    Големи штети претрпеа и рестораните што се до самиот брег.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари