Големо невреме попладнево го зафати Тетово проследено со силен ветер и пороен дожд. Иако невремето траеше кратко, има оштетување на електричната мрежа, опаднаа дрвја, а има и оштетени автомобили.
Најголеми штети има на улицата Бране Стефановски, веднаш до старата градинка. Таму силниот ветер од корен откорна големо дрво кое падна на жиците од електричната мрежа поради што тој дел од Тетово е без електрична енергија. Дрвото исто така оштети и неколку паркирани возила од кои најголема штета е направена врз едно фургон возило.
Се очекува наскоро да дојде екипа од полицијата за да направи увид, па дури потоа вработените од ЕВН да почнат да работат на санацијата на електричната мрежа.
Штети кои ги направи невремето се пријавени и во други делови на градот.
З. АНДОНОВ