НЕЗАВИСНИОТ КАНДИДАТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ПРОГЛАСИ УБЕДЛИВО ВОДСТВО ВО КУМАНОВО ПРЕД СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ

    НЕЗАВИСНИОТ КАНДИДАТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ПРОГЛАСИ УБЕДЛИВО ВОДСТВО ВО КУМАНОВО ПРЕД СДСМ И ВМРО-ДПМНЕДимитриевски вели дека неговата независна иницијатива „За наше Куманово“ има убедлива победа во Советот, а дека тој води и пред противкандидатот од СДСМ, Оливер Илиевски. (Фото: СДК.МК)

    Досегашниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, кој на Локалните избори настапи како независен кандидат со граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, вечерва прогласи победа и неговите приврзаници излегоа да прослават на Градскиот плоштад. Димитриевски вели дека „За наше Куманово“ има убедлива победа во Советот, а дека тој води и пред противкандидатот од СДСМ, Оливер Илиевски.

    „Ние ја добивме најголемата поддршка од граѓаните на Куманово без разлика на нивната партиска припадност. Нашиот концепт е од граѓаните за граѓаните. Нашата цел е да ја добиеме поддршката, да бидеме легитимни претставници на сите граѓани на нашиот град. Секоја политичка поддршка е добредојдена, а оттука па натаму граѓаните се тие кои одлучуваат“, изјави Димитриевски, кој е актуелен градоначалник од СДСМ, ама бидејќи партијата не го кандидираше за овие избори, тој настапи со своја независна листа.

    Тој очекува дека граѓанскиот концепт „За наше Куманово“ ќе победи убедливо во вториот круг.

    „Ќе ставиме крај на многу лоши навики во нашиот град и нашето општество. Македонија има право и мора да се менува. Куманово го следи трендот и секогаш бил предвесник на големи промени“, кажа Димитриевски.

    Тој вели дека победиле и покрај тоа што биле соочени со големи притисоци.

    „Дефинитивно се потврди тоа што го кажувавме цело време, дека МВРО не е минато во оваа држава, туку е МВРО на квадрат, но со „О“ на квадрат назад, и ќе им го вратиме МВР во вистинските рамки на граѓаните со потврдувањето на оваа победа на 31 октомври“, заврши Димитриевски.

    Од изборниот штаб на СДСМ велат дека Илиевски му води на Димитриевски со 200 до 300 гласови, но дека  уште не се преброени сите гласови и не можат да ја кажат конечната бројка. Сличен е резултатот и во однос на советничката листа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира