НИ НАТПИСОТ „БУШАМ ГУМИ“, НИ КАЗНИ НЕ ГИ ПЛАШАТ БИТОЛЧАНИ ДА НЕ ПАРКИРААТ КАЈ СТИГНАТ

    НИ НАТПИСОТ „БУШАМ ГУМИ“, НИ КАЗНИ НЕ ГИ ПЛАШАТ БИТОЛЧАНИ ДА НЕ ПАРКИРААТ КАЈ СТИГНАТОсвен по тротоари, некои се паркираат и на пешачки премини, во зоните наменети исклучиво за пешаци, па и на тревници (Фото: СДК.МК)

    Со натписи „Бушам гуми“, „Кршам коли“, „Газдата е полуд од возачот“, битолчани се борат против возачите што им се паркираат пред врата во улиците во центарот на градот што не се опфатени со зонското паркирање. Освен по тротоари, некои се паркираат и на пешачки премини, во зоните наменети исклучиво за пешаци, па и на тревници.

    Жителите од неколку локации во центарот на градот побараа од Општина Битола и нивните улици и паркиралишта пред зградите да бидат опфатени со зонското паркирање, откако ќе започне со работа новото јавно претпријатие за паркинзи.

    Тротоарите редовно се претворени во паркиралишта (Фото: СДК.МК)

    „Иако постои сообраќаен знак дека просторот е наменет за паркирање на станарите, тоа никој не го почитува, а паркирани возила има и на тротоарите. Овде е секојдневен хаос, се паркираат оние кои работат во близина, завршуваат некакви обврски во центарот или пијат кафе на Широк Сокак, па за станарите од зградите речиси никогаш нема место“, се пожалија станарите од зградите во месноста Стара болница на средба со претставници од општината.

    Жителите од улицата Лазо Трпоски, која води до Широк Сокак, бараат овој крак да биде пешачка зона, а возила да можат да паркираат само граѓаните кои живеат овде. Велат дека водат секојдневна битка со паркирани возила на улицата и тротоарите. Се случило во оваа улица да не може да влезе и противпожарно возило.

    „Поставивме и столпчиња, но сега автомобилите ги паркираат на коловозот, а некаде и ги урнаа столпчињата. Ние се согласуваме да плаќаме месечна карта за паркирање на нашите возила“, велат жителите од Лазо Трпоски.

    Слична е ситуацијата и со улиците кај Библиотеката и зад Здравствениот дом. Неретко се случува и грчки државјани кои доаѓаат на шопинг во Битола да паркираат по овие улички само за да не платат паркинг.

    Стотина мандатни казни има изречено Комуналната инспекција за паркирани возила на тревните површини кај Офицерски дом, а пајак службата дневно подига повеќе возила, но навиките тешко се менуваат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира