НИКОГАШ НЕ СУМ ЗЕЛА ПОДАРОК ОД УЧЕНИК ЗА ОСМИ МАРТ, ВЕЛИ НАСТАВНИЧКАТА ЛИЛЈАНА ГАЛОВСКА ОД БИТОЛА

    НИКОГАШ НЕ СУМ ЗЕЛА ПОДАРОК ОД УЧЕНИК ЗА ОСМИ МАРТ, ВЕЛИ НАСТАВНИЧКАТА ЛИЛЈАНА ГАЛОВСКА ОД БИТОЛАВо четирите децении работен стаж, Лилјана Галовска од Битола држела часови по физичко во основните училишта „Трифун Пановски“, „Стив Наумов“ и „Елпида Караманди“. (Фото: СДК.МК)

    Јас подарок не сум зела од ученик до денес. Никогаш. Ни за 8 Март, ни за Нова година, вели пензионираната наставничката по физичко воспитување, Лилјана Галовска од Битола. Таа е редок пример на наставничка која за Денот на жената со празни раце заминувала од школото без да прифати подарок од учениците. Вели дека нивното знаење било дар за неа. Искуствата од своето учителствување со помладите колеги ги сподели на настанот „Еден друг вид на учители“ на Организација на жени и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола.

    „Кога ќе дојдеше 8-ми Март ние не купувавме подароци. Јас подарок не сум зела од ученик до денес. Никогаш. Меѓутоа, заедно со децата им дававме или честитка или нешто убаво напишано на сите наставнички во школото, дури и на помошниот персонал и на лекарите во амбулантата што беше во нашето училиште“, раскажува Галовска.

    Во четирите децении работен стаж, држела часови по физичко во основните училишта „Трифун Пановски“, „Стив Наумов“ и „Елпида Караманди“ во Битола. Настанот на кој зборуваше беше замислен како спој помеѓу поранешните и сегашните наставници преку размена на нивните искуства во работата со учениците. Галовска им порача на помладите колеги во учениците да гледаат личност, а не предмет на клупата.

    „Прво ми беше во училиштето детето, па родителот, па колегата. Ако детето се насочи, се прифати, ако го сметате како личност, а не предмет што седи во клупа, секое дете тогаш ќе даде сѐ од себе и во учењето и во односот со наставниците, предметот и другарчињата“, порача наставничката.

    Денес ја сретнуваат нејзините поранешни ученици на улица. Таа некогаш нема ни да ги познае, но тие ја застануваат, прегрнуваат, па една некој ученик дури и ја поткренал во раце благодарен за тоа што му помогнала додека се школувал. Галовска преку лето во семејната викендица ги носела дури и посиромашните ученици кои немале услови да летуваат.

    „Имаме една куќичка на брегот на Охридското Езеро, во Љубаништа, кај Свети Наум. Добрите спортисти и тие што немаа услови да одат некаде на одмор, а за море и да не зборуваме, ги носев таму. По 15 до 20 деца одденаш. Креветите ги зафаќавме, постилавме на земи. Некои од тие деца, денес како возрасни ми велат ’ја поминав Америка, Англија, ама како со вас што минав одмор на ниедно друго место‘“, раскажува наставничката Галовска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира