Во струмичко никој не планира да сади пченица за продажба, оти велат дека последниве години откупните цени биле понижувачки. Во екот на есенската сеидба во овој регион, земјоделците тврдат дека пченица и јачмен садат за да ги наполнат амбарите за сточна храна, а не и за мелничките капацитети. Годинава велат дека двојно ќе ги намалат површините под пченица.
„Нема веќе ќар од производство на пченица. Садиме за да имаме за домашната стока оти не се исплаќа. За еден хектар јас ќе потрошам околу 20 илјади денари, семе, ѓубре, орање, жнеење, а ќе добијам не повеќе од 3,5 тона. Ако ја продадам по 7-8 денари, што ќе имам за заработка?“, вели Слободан Спасов од струмичко Вељуса.
Дека се намалуваат површините под житни култури алармираат и агроекспертите. Професорот од земјоделскиот факултет во Струмица Душан Спасов вели дека ниските откупни цени и слабите приноси се главните фактори што во струмичкото поле има сѐ помалку има житарици. Пченицата ова година во струмичко ќе биде засеана на околу 3 илјади хектари, што е двојно помалку од пред 10 години, кога приближно 6 илјади хектари беа под житни култури.