НИВИТЕ ВО БОГДАНЦИ ТРИ ДЕНА БЕЗ ВОДА, СЕ ЧЕКА МИНИСТЕРОТ САДУЛА ДУРАКИ ДА ГО ОТВОРИ ВЕНТИЛОТ ОД ДОЈРАН

    НИВИТЕ ВО БОГДАНЦИ ТРИ ДЕНА БЕЗ ВОДА, СЕ ЧЕКА МИНИСТЕРОТ САДУЛА ДУРАКИ ДА ГО ОТВОРИ ВЕНТИЛОТ ОД ДОЈРАНЗемјоделците се во паника затоа што од петокот се затворени вентилите на браната Паљурци, а за доволен доток треба да се пренасочи водата од системот за спас на Дојранско езеро (Фото: В. Трајков)

    АД „Водостопанство“ ги затвори вентилите од системот за наводнување од браната Паљурци кај Богданци. Нивото на водата во ова брана падна на самиот минимум и за да се  зачува биодиверзитетот, одговорните ја секнаа водата за околу 2.000 хектари обработливи површини во овој крај. Веќе трет ден нема вода за наводнување, а заради високите температури и немањето контуиниран дотек на нови водотеци,  на Паљурци му се заканува еколошка катастрофа и пресушување.

    Земјоделците бараат да интервенира министерот за животна средина Садула Дураки кој треба да иницира пренасочување на водата од системот за спас на Дојранското езеро кон нивите во Богданци.

    „Последнава недела нагло почна да опаѓа нивото на водата. Тоа се должи пред се на зголемената потрошувачка од страна на земјоделците кои мораа да го спасат засеаното од високите температури. Но. од петокот добивме налог да бидат затворени вентилите од системот со цел да се зачува еколошкиот минимум на резервоарот“, кажаа  чуварите ангажирани на браната на која имaше и неколку спортски риболовц.

    Земјоделците од Богданци се во паника. Гневни се и стравуваат за можните последици. На површините со зеленчук им се заканува сушење, а пред колапс се и лозовите и овошните насади. Сите бараат алтернативни решенија за наводнување. Реагираат затоа што имат склучено договори за наводнување, но вода до нивните ниви веќе три дена нема.

    Од 13 јуни е известено Министерството за животна средина дека опаѓа нивото на водата во ова брана заради неповолните хидролошки состојби и дека мора да се вклучат пумпите од системот за спас на Дојанското езеро кај Ѓавато – Ромео Тренов, директор на АД Водостопанство (Фото: В. Трајков)

    „Срамота е ова. Ќе се исуши се. Надлежните мора да најдат решение, бидејки ќе нема земјоделец кој нема да претрпи штети ако во наредните три дена не ги наводни засеаните површини. Имаме бостан, модар патлиџан, домати, лозови насади… Сето тоа бара наводнување, а вода нема ниту капка. Што се чекаше досега. Зошто не вршеа дотур од Ѓавато“, вели Мите Демерџиев, земјоделец од Стојаково.

    „Јас сум регистриран земјоделец и ако не ги наводнам моите ниви со зеленчук од каде ќе имам приход за да си ги платам придонесите и да платам за воден надоместок. Ова е сериозна работа. Не требаше да се дозволи водата во Паљурци да дојде до минимум. Ако во наредните три дена нема вода ќе го тужам Водостопанство оти имам договор со кој се обврзаа дека ќе имам контуиниран дотек на вода до моите ниви“, вели Весна Стојанова од Богданци.

    Директорот на АД „Водостопанство“ Ромео Тренов потврди дека се затворени вентилите од системот за наводнување од браната Паљурци. Тој вели дека од 13 јуни е известено Министерството за животна средина дека опаѓа нивото на водата во ова брана заради неповолните хидролошки состојби  и дека мора да се вклучат пумпите од системот  за спас на Дојанското езеро кај Ѓавато.

    Нивото на водата во резервоарот Паљурци е на минимум па затоа е сопрено наводнувањето на земјоделските површини (Фото: В. Трајков)

    “На 13 јуни со допис го известивме ресорното министерство дека браната ќе нема вода доколку не се интервенира. Ние не смееме да ја испуштиме целата вода од браната оти кривично ќе одговараме. Не смееме ниту да ги вклучиме пумпите од системот кај Ѓавато за дотур на вода во браната, бидејки тој е во надлежност на Министерството за животна средина. Тие треба да дозволат да се вклучат пумпите или пак врз база на нивна информација Владата да донесе одлука. Ваква ситуација имаше и пред 4 години кога Владата интервенираше и дозволи  дотур на водат од 200 литри во секунда“, вели  директорот на АД „Водостопанство“, Ромео Тренов.

    И спортските риболовци велат дека на езерото му се заканува еколошка катастрофа. Велат дека имало риби, но доколку не се пушти вода во браната заради температурите можно е нивото да падне и под  дозволениот минимум што ќе значи крај за спортскиот риболов на ова брана.

    Од Министерството за животна средина и просторно планирање не добивме информација дали и кога ќе бидат вклучени пумпите од системот Ѓавато за да се спаси  браната Паљурци која служи за наводнување на површините во Богданци. Неофицијално дознаваме дека Владата утре или задутре ќе расправа и за овој проблем со цел да се спречи колапсот што му се заканува  на земјоделството во  оваа општина.

    Министерот Садула Дураки, за време на конфликтот во 2001 како член на ОНА беше познат како Командант Вентиљи. Тој летото 2001 три месеци го држеше затворен вентилот на Липковската брана и Куманово и цел регион беше без вода.

    В.ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира