Во Тетовскиот регион само во ноември имало 1.632 новозаразени со коронавирус, според податоците од Министерството за здравство, додека во периодот од февруари до октомври се регистрирани вкупно 2.187 заразени. Со ова се остварија предвидувањата на тетовските епидемиолози дека ноември ќе биде месец со најголем број заразени во Тетовскиот регион. Голема е и бројката на починати во овој месец – 56, додека од февруари до крајот на октомври починале вкупно 101 лице.
Во тетовската Клиничка болница има слободни болнички кревети, но и тука се чувствува сѐ поголемиот наплив на заразени лица на кои им треба кислородна поддршка.
„Заклучно со последниот ден на ноември, имаме 47 лица кои се на болничко лекување. Триесетина се потешки случаи и тие се со постојана кислородна поддршка, додека останатите добиваат по потреба или периодично. Во средина на ноември имаше најмногу, дури 51 лице беше на болничко лекување. Во периодот од февруари до октомври бројките на хоспитализирани лица варираа, но немаше колку што има сега во ноември“, вели Гзим Нуредини, координатор на Ковид центарот во Тетово.
Кон крајот на ноември се почувствува благо намалување на бројот на заболени, па на последниот ден од месецот беа 11, наспроти почетокот на месецот, кога на 1 и 8 ноември имаше регистрирано по 95 заболени од ковид-19. Најмногу починати лица, по пет, имало на 2, 10 и 27 ноември.
Но, вака големите бројки на заразени и починати како да не ги загружуваат многу тетовци. Во текот на минатата недела, според податоците на Секторот за внатрешни работи Тетово, на 493 лица им биле издадени платни налози за неносење заштитна маска. Во овој период, Државниот санитарен и здравствен инспекторат подготвил нови 647 решенија за изолација во Тетовско.
З. АНДОНОВ