Три возила, меѓу кои и „тојота хибрид“ на сопруга на битолски бизнисмен и поранешен кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ, Христо Кондовски, ноќта беа запалени на паркинг на улицата Леринска во Битола.
Случајот во СВР Битола бил пријавен 20 минути по полноќ. Од таму потврдија дека се опожарени три возила со битолски, скопски и тетовски регистерски таблички.
„Опожарени се патничко возило ‘тојота рав 4’ со битолски регистарски ознаки, сопственост на приватна фирма, а го користела С. К. од Битола, патничко возило ‘фолксваген пасат’ со тетовски регистарски ознаки, сопственост на приватна фирма, и патничко возило ‘дачиа логан’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирма. Пожарот е изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Битола, а повредени лица нема“, соопштија од СВР Битола.
Од СДСМ Битола го осудија инцидентот.
„Овој насилен чин влева страв кај граѓаните за нивната лична безбедност, а на само неколку месеци пред локалните избори и несигурност за интегритетот на процесот“, се вели во соопштението на СДСМ Битола.
Очевидци каажуваат дека пожарот избил од „тојотата“ и ги зафатил и другите две возила од кои едното е повеќе оштетено од другото. Во моментот кога бил пожарот на паркингот, кој е фреквентен, имало и други возила и имало опасност да се запалат и другите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА