НОЌЕВАЊЕ ВО ПРЕСПА ЧИНИ ИСТО КАКО ВО ГРЦИЈА, АМА ЖИВОТОТ Е ПОЕВТИН

    НОЌЕВАЊЕ ВО ПРЕСПА ЧИНИ ИСТО КАКО ВО ГРЦИЈА, АМА ЖИВОТОТ Е ПОЕВТИН(Фото: СДК.МК)

    Јунските цени за ноќевање крај Преспанското Езеро се изедначија со оние во Грција. Полупансион по лице во хотел и во Преспа и во Грција се движи од 1.000 до 1.200 денари. Според ценовниците на хотелите во Преспа , полупансион во „Лејк вју“ во Отешево и во „Рива“ во Стење чини 1.000 денари.  Во понудите на туристичките агенции полупансион во хотели во Фурка и Сивири, Грција, чинат по цена од 18 до 21 евро (1.080 до 1.260 денари по лице).

    Апартманите во Грција чинат по десет евра за ноќевање, а пак оние во Преспа по 250 денари на лице или за двајца по 500 денари. Да се изнајми бунглаов во Крани чини од 1.200 до 1.500 денари.

    Туристичките работници велат дека услугите во  Преспа не поскапеа,  туку во периодот на предсезона, угостителите во Грција ги намалуваат цените на хотелите и апартманите.

    „За предсезона се нудат специјални попусти, воедно ако се резервира апартман или хотелската соба уште во јануари , февруари или март имате намалување од 20 до 10 проценти. Нашите граѓани ги користат тие намалувања“, вели Диме Јовановски, туристички работник.

    Но, сличностите запираат кај ноќевањата. Разликата во цените на храната и услугите по ресторани и кафулиња е голема. Во Преспа кафе може да се пие за 40 денари, а на Егејот од едно до пет евра. Во супермаркетите килограм домати чини 1,50 евра, краставици 1,20 евра, портокали 1,10 евра, лубеница 1,20 вера, лебот и до 1,20 евра, јогуртот од 2 до 4 евра… Во Преспа пак цените се и до двапати поевтини. Во ресторан пица чини од 10 до 19 вера, а во Преспа најмногу до 300 денари,  плескавица 120 денари.

    Ренесансата што Преспа ја доживеа изминатите години со средување на плажите и годинава ветува добра сеозна.  Уредени се плажите во Долно Дупени, Сливница, Претор, Отешево, Стење, а наскоро во употреба ќе биде пуштена и пешачко- велосипедската патека која ќе ги поврзува туристичките населби Крани- Сливница-Претор.

    Но, ваквиот тренд не го следат сместувачките капацитети. Преспа нема можност да прими поголеми групи туристи кои би престојувале повеќе дена.  Има само четири хотели со вкупно 50 хотелски соби и нешто над пет таканаречени луксузни апартмани во кои можат вкупно да престојуваат 180 туристи. Останатото сметсување е по вили, бунгалови, соби и приколки.

    Од Општина Ресен очекуваат недостигот на  сместувачките капацитети да се надмине со реновирањето на хотелот „Европа“ во Отешево кој изгоре пред 17 години, а минатото лето го купи „Глобал инвестмент фонд“ од Обединетите Арапски Емирати. Како што најави градоначалникот Ѓоко Стезовски, градежните работи за обнова на хотелот треба да започнат наскоро.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира