Минатата година во септември, при ископ на канал за поставување електричен кабел, во близина на тетовското село Стенче биле ископани повеќе керамички предмети. Со оглед на тоа што овој реон и отпорано е познат како богато археолошко наоѓалиште, локалните жители го информирале Музејот на Тетово, чии стручни лица веќе наредниот ден дошле на посоченото место.
После добиените први сознанија било утврдено дека се работи за досега непознат археолошки локалитет, па веднаш му дале и име, Под Брегови Долна Цеста село Стенче, според местото како што го викало локалното население. Локалитетот се наоѓа на еден и пол километар под селото Стенче, во близина на реката Вардар. Откако бил изработен проект и биле одобрени средства од Министерството за култура и туризам, во почетокот на овој месец започнало ископувањето на терен.
„Овој локалитет досега е непознат за археолошката и научната јавност. Кога започнавме, првите откопи во сондата не ни даваа никакви навестувања дека има нешто, но како што се симнувавме сè подлабоко, негде на речиси еден метар се открија остатоци од една доцноантичка куќа, која ја потврдивме според подното ниво. Најдовме големо количество доцноантичка керамика, тоа е една сива т. н. македонска керамика од тој период. Дополнително, на подот откривме и неколку монети, што ни го потврдија егзистирањето на куќата од средина на 4. век од новата ера. Откако ја истраживме таа античка куќа, се симнавме уште подолу и утврдивме дека таа била фундирана врз слој од неолитскиот период и сега работиме на подното ниво од неолитската куќа“, вели Игор Толевски, археолог-кустос во Музејот на Тетово, кој со екипата работи на откривањето и истражувањето на овој археолошки локалитет.
Овој реон околу Стенче е богат со археолошки наоди, почнувајќи од неолитот, преку античкиот период, па до ранохристијанскиот период.
„Од претходно ни се познати два локалитета во близина на Стенче, кои подолго време се истражуваат. Едниот е неолитскиот локалитет Под Тумба Стенче, каде што се откриен и жртвеник со карактеристична антропоморфна форма, во науката познат како ‘Големата Мајка‘ и урнатини од една или две куќи со печка, неколку целосно зачувани садови и други предмети од неолитот. Другиот локалитет е горе над селото, тоа е тврдината Градиште. Овој локалитет е од периодот на доцна антика, некаде после времето на Диоклецијан и Константин и како таков, опстојувал во текот на целата доцна антика, најверојатно Јустинијан го обновил, а во периодот на средновековието градот бил напуштен. Тој е познат по неговата базилика со три крстилници, која во тој петти, евентуално шести век, го имала најголемиот зенит во нејзиното постоење“, раскажува Толевски.
Според него, се очекува на овој нов, досега непознат локалитет да се добијат нови сознанија за животот на овдешното население низ вековите и милениумите.
З. АНДОНОВ



