НОВ ОБИД ЗА ГРАДБА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН

    НОВ ОБИД ЗА ГРАДБА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИНРешението за градба на хотелот кај Лагадин е поништено по силните реакции во јавноста, најмногу поради фактот што еден ваков објект се гради речиси на самиот брег од езерото на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото (Фото: Охрид СОС)

    Инвеститорот на изградбата на фамозниот хотел во Лагадин кај Охрид на кого му е поништено одобрението за градба, повторно се обидува да  продолжи со градба, кажаа од Охрид СОС.

    „Под итно да си пратите служби на терен да се запрат воскреснатите незаконски активности во Лагадин! Инвеститорот од вчера попладне се обидува повторно да ја стартува градбата за која му беше поништено одобрението“, велат од Охрид СОС кои објавија и фотографија на која се гледа дека на објекот има работници.

    Од Охрид СОС предупредуваат дека ќе преземат постапка против сите што се вмешани во ова „криминало дело”.

    Хотелот во Лагадин, кој е до самиот пат и на десетина метри од Езерото, има четири ката, а последниот кат е изграден експресно за само неколку дена (Фото: СДК.МК)

    „Бараме од вас јавно да се оградите од вмешаноста во ова криминално дело! Имајте предвид дека ќе покренеме постапка против сите вмешани во криминалните активности”, велат од Охрид СОС.

    Изградбата на хотелот беше сопрена на 17 март. Моментално објектот има четири ката, како што беше најавувано со планот. Овој последен кат е изграден експресно, речиси само за неколку дена. Се градеше во време кога од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на локалната самоуправа ѝ наложи  да биде поништено одобрението за градба.

    Решението за градба на хотелот кај Лагадин е поништено по силните реакции во јавноста, најмногу поради фактот што еден ваков објект се гради речиси на самиот брег од езерото на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото. На 9 март, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам побара од Општина Охрид да го поништи издаденото одобрение за градење. Барањето дојде по заеднички инспекциски надзор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за животна средина и Управата за заштита на културно наследство направен во Секторот за урбанизам во Општина Охрид и на градилиштетото за хотелот во Лагадин во јануари годинава.

    Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја донесе одлуката по претставките на активистите  на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“  и сопствениците на куќи и викендички за прекршувања на 12 закони, 1 подзаконски акт и Уставот на Република Македонија.

    Д. ЧУБРИЌ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира