Преку огромен мурал нацртан на ѕидот на основното училиште „Лирија“, тетовските активисти ја пренесуваат пораката за чување на животната средина и ја истакнуваат потребата од обновување на урбаното земјиште со зеленило. Големата пчела го нагласува огромното значење што овој инсект го има во целиот екосистем.
Муралот е дел од проектот „Позитивни промени за управување со комуналниот отпад во Општина Тетово“ на здружението „Мултикултура“.
„Целта на муралот, а и на претходните активности што ги презедовме во рамките на овој проект, е да ги зачуваме зелените површини во градот и да го ублажиме ефектот од загадувањето. Клучниот елемент во муралот е пчелата. Таа го поддржува растот на дрвјата, цвеќињата и другите растенија, кои служат како храна и засолниште за разни големи и мали суштества“, велат од „Мултикултура“.
Автор на муралот е уметникот Семир Алими.
Невладината организација „Мултикултура“ одржува и работилници за учење на техниките на креативниот активизам, па ги повикуваат талентираните ученици од градот да се приклучат и да пренесуваат еколошки пораки до своите врсници.
З. АНДОНОВ