НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ВО ШТИП ЈА ПОЧНАА 440 ПРВАЧИЊА, 140 ПОМАЛКУ ОД ЛАНИ

    НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА ВО ШТИП ЈА ПОЧНАА 440 ПРВАЧИЊА, 140 ПОМАЛКУ ОД ЛАНИНовата учебна година ја започнуваат 5.600 ученици во Штип - Средното училиште „Димитар Мирасчиев“ и ОУ„Ванчо Прќе“ (Фото: СДК.МК)

    Во основните училишта во Штип, вчера новата учебна година ја започнаа 410 првачиња, 140 помалку од лани, кога биле запишани 580 ученици во прво одделение. Но, се очекува и оваа година разликата да се намали во наредните денови кога голем број ученици во текот на септември ќе се вратат дома со своите родители од сезонска работа во странство.

    „За останатите ученици првиот школски час во новата учебна година е во понеделник, кога во училишните клупи во четирите основни и петте средни училишта во Штип ќе седнат вкупно 5.600 ученици од кои 1.870 во средното и 3.630 во основното образование. За нив, формирани се над 40 паралелки од кои некои се со одлука на Советот на Општината за намалување бројот на учениците во паралелка, според утврдениот законски распон од најмалку 25 до 34 ученици, односно од 20 до 30 ученици максимум во една паралелка“ вели раководителот на Одделението за образование во Штип, Роберт Аџипетров.

    Тој додава дека вкупната бројка на ученици е најверојатно поголема затоа што Општината нема ингеренции за приватните училишта, како и за Државните училиште, како што се Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и Државното училиште „Искра“ за деца со посебни потреби.
    Аџипетров нагласува уште еден момент дека кај средношколците бројот на запишаните во прва година е поголем речиси за 100 ученици од бројот на завршените деветтоодделенци оваа година во Штип.

    Во секторот за општествени дејности во Штип, се смета, дека тоа се должи на пројавениот интерес на завршените основци во соседните градови за средните стручни училишта во Штип, а интерес имало и за Штипската гимназија која во своите програми исто така негува современо, стручно образование, посебно во областа на техничките науки.

    За сите ученици обезбеден е бесплатен превоз во кој за учениците од Општина Штип ќе функционира и јавниот превоз со петте новонабавени автобуси кои имаат линии прилагодени за потребите на учениците за заминување на училиште и враќање од училиште дома.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира