НОВАТА ЗГРАДА НА НАРОДНА БАНКА ЌЕ ИМА БАРОКНА ФАСАДА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА

    НОВАТА ЗГРАДА НА НАРОДНА БАНКА ЌЕ ИМА БАРОКНА ФАСАДА, НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ БИДЕ ГОТОВАЗградата е со 8 ката, на врвот ќе има купола, а на влезот антички столбови, какви што имаат сите згради од проектот „Скопје 2014“. (Фото: К. Попов)

    Новата зграда на Народна банка на улицата Филип Втори, веднаш до зградата на Министерството за надворешни работи, ја доби карабината, но кога ќе биде комплетно готова не се знае. Во моментов, во зградата се изведуваат градежно-ѕидарски и машински работи во внатрешноста, се поставува електрика, приклучоци за водовод и канализација.

    Зградата ќе има осум ката. Според сегашната ситуација на терен на врвот ќе има купола, а на влезот антички столбови, какви што имаат сите згради од проектот „Скопје 2014“. Од Народна банка велат дека нема измени во изгледот на фасадата за зградата, што значи ќе биде во барок стил.

    „Изгледот на фасадата на новиот објект на Народната банка е утврден со проектот одобрен од надлежните институции, односно проектот за кој во 2015 година е  добиено одобрението за градење. Надзорниот орган континуирано ја следи динамиката на изведување на работите од изведувачот. Во овој момент сѐ уште не може прецизно да се предвиди точниот датум на кој објектот ќе биде пуштен во употреба, имајќи ја предвид комплексноста на процесот на градење објект за централна банка, како и на негово опремување“, велат од Народна банка.

    Изградбата на барокната зграда на Народна банка ќе чини 23 милиони евра. Градежните работи ги изведува ГП „Бетон“, а автори на идејното решение за изгледот на зградата се Никола Стакинов и Лазар Димов. Тие се автори и на идејните решенија за барокни фасади на Министерството за правда, „Пелагонија“ и новата зграда на АД ЕСМ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира