НОВАЦИ СТАНА ОПШТИНА ЗА ПРИМЕР КАКО СЕ РЕАЛИЗИРААТ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТИ

    НОВАЦИ СТАНА ОПШТИНА ЗА ПРИМЕР КАКО СЕ РЕАЛИЗИРААТ ЕВРОПСКИ ПРОЕКТИРеката Коњарка е едно од омилените места за рекреација во Општина Новаци и сега стана модерно уредено паркче (Фото: СДК)

    Со европски пари е уреден рекреативен парк крај мариовската река Коњарка, во близина на селото Скочивир. Преку проектот за погранична соработка со Грција, насловен „Жива природа, жива историја 2“, беа доделени 80.000 евра за да се уреди едно од омилените места за рекреација во Општина Новаци.

    „Овој комплекс се наоѓа во чиста животна средина и секој викенд е посетен од 200-300 луѓе. За нас како општина ќе значи многу за развојот на туризмот. Поставени се видиковци, дрвени клупи, маси, лулашки, места за скара и канти за отпадоци, речното корито е ѕидано со камен, а просторот е хортикултурно уреден“, рече градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.

    Новаци е општина за пример, по успешно реализирани проекти за прекугранична соработка, финансирани од ЕУ. Во првиот дел од проектот „Жива историја, жива природа“, во македонскиот дел на Мариово беа реновирани родната куќа на Калеш Анѓа во селото Старавина, таканаречениот филмски мост во Зовиќ и дел од црквата „Св. Димитрија“ во селото Градешница.

    Во следниот период, од ИПА-фондовите наменети за прекугранична соработка со Грција, Новаци ќе работи на обновливи извори на енергија. Веќе се доделени пари за набавка на механизација за чистење на реки и канали, а искосената трева ќе се суши и балира. Потоа ќе се купи котел за нејзино согорување и на тој начин ќе се грее детската градинка во Новаци.

    Во рекреативниот парк кај Коњарка, Општина Новаци и Европската асоцијација за локална демократија АЛДА денеска организираа културен хепенинг во рамките на програмата Европска година за заштита на културното наследство. Новаци има и проекти со француски општини.

    „Добро е кога се гледа дека европските фондови и пари имаат конкретна и успешна реализација. Франција останува присутна тука, посебно во соработката со регионот Нормандија, затоа што имаме интерес да го развиваме меморијалниот културен туризам. Повикуваме да го задржиме ова паркче вака уредено и да го заштитиме културното и природното наследство“, рече француската конзулка Калиопа Кривашија-Стилиновиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира