НОВИНАРОТ ДА НЕ ДОЗВОЛИ ДА БИДЕ КЛОЗЕТСКА ШОЛЈА, ВЕЛИ ДОАЈЕНОТ НА БИТОЛСКОТО НОВИНАРСТВО НИКОЛА ТАЛЕВСКИ

    НОВИНАРОТ ДА НЕ ДОЗВОЛИ ДА БИДЕ КЛОЗЕТСКА ШОЛЈА, ВЕЛИ ДОАЈЕНОТ НА БИТОЛСКОТО НОВИНАРСТВО НИКОЛА ТАЛЕВСКИНикола Талевски (десно) денеска ја прими наградата за новинарство „Тоде Петревски“ која му ја додели „Битолски весник“ (Фото: СДК.МК)

    Оној што ќе се зафати за новинарството да не дозволи да биди клозетска шолја, некој да клекнe, да се испразни сосема, а тој само да ја тргне рачката и да помине, рече денес Никола Талевски, доајенот на битолското новинарство, примајќи ја наградата за новинарство „Тоде Петревски“ која му ја додели „Битолски весник“.

    „Оваа дефиниција, новинарот да не не дозволи да биде клозетска шолја, ја кажувам гледано денеска особено кога има портпароли , особено кога политичарите сакаат нешто да кажат, ги гледаме колку се дрски, платени се од даночниците, а не сакаат да дадат изјава бидејќи тоа не било тема. Новинарот цени дали нешто е тема или не е тема. Новинарот го цени општествениот и јавниот интерес, не го цени политичарот. Политичарот нека ја брка политиката“, рече Талевски.

    Талевски  беше долгогодишен дописник од Битола за Македонската телевизија и испраќаше текстови за актуелни теми во градот, што би се рекло, од времето на Тито па до плурализмот. Добитник е на многу награди, познат по мудрата мисла, афоризмите, анегдотите, хумористичните емисии во Радио Битола.  За денешницата рече дека не треба партијата да го штити народот, туку тој ќе се штити преку добивање точни и проверени информации.

    „Во општеството има ситуации со кои често се среќаваме, некој да каже ние ќе го штитиме народот. Кој е тој, партијата? Зад себе има едно комбе или нека бидат и десет автобуси, членови за добро или зло што ги носи, и тој вели дека народот ќе го штити. Народот мора да се штити преку јавноста добивајќи информации, точни, професионални за сѐ што се случува во општеството. Недостигот на информации е како да патувате во мрак, во тунел без светло, не знаете каде ќе налетате и тоа ни се случува“, рече Талевски.

    И по пензионирањето не го напушти новинарството, туку продолжи да твори во списанието „Инфо магазин“, за кое вели дека на одреден начин го крепи во животот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира